Во посветеноста за професионално и непристрасно работење на МВР се соочувам со злоупотребата од страна на власта и апелирам да се воздржат од неосновани напади кои се на штета на полицијата, изјави на денешната конференција за печат Наќе Чулев, министер за внатрешни работи.
-Во однос на обвинувањата кои власта ги упатува кон мене сакам да кажам дека полициските службеници во најголем дел успешно ги извршуваа своите бројни задачи. Грешки и пропусти има и се дел од работата. Но, лошо е кога се случуваат заради опструкции. Моите директиви тешко се спроведуваат без да наидат на опструкции од страна на Владата, потенцира Чулев.
Тој нагласи дека одговорноста за извршувањето на задачите на теренот од страна на полицијата треба да се бара кај директорот на Бирото за јавна безбедност.
-Јас како министер не можам да кажам кој полициски службеник каква задача ќе извршува и колкави полициски сили ќе покривата одреден регион. Тоа е надлежност на директорот на БЈБ и тој телеграма со таква наредба испрати до полициските службеници, објасни Чулев.
Тој ги изнесе податоците за прекршувањата на полицискиот час во текот на изминатиов викенд. На ниво на цела земја во изминативе три ден аимало 5.397 прекршувањата на полицискиот час од кои најмногу во Скопје – 340. За неносење заштитни маски се казнети 1.777 лица, најмногу во Струмица – 417 и во Охрид – 356. Од почеток на обврската казнети се вкупно 8.188.
-За полициските службеници кои на подрачјето на општина Чаир не ги санкционирале лицата кои се движеле на улици ќе биде покрената дисциплинска постапка. Работата на продавниците е во надлежност на Државен пазарен инспекторат, рече Чулев.
Во однос на случајот со портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Димче Арсовски и неговото движење синоќа во текот на полицискиот час, Чулев објасни дека тој имал уредна дозвола.
-Посоченото лице поседувало валидна дозвола издадена од надлежен правен субјект за работни обврски. Во службената белешка не е наведено дека тоа лице се однесувало дрско и навредливо, рече министерот.