ЦУК: Крива Река се заканува со поплави

Во Центарот за управување со кризи (ЦУК) вчера била добиена пријава за нерасчистено речно корито при што на еден од мостовите во селото Опила во општина Ранковце, има насобрано гранки од дрва што ги донела поројната вода.

-Од зголемениот водостој на речното корито на Крива Река, постои опасност од поплави на домови во близина, информираат утрово од ЦУК.

Известени биле градоначалникот и контакт лицата од општина Ранковце за настанатата состојба. Од Општина Ранковце одговориле дека во текот на денешниот ден ќе се расчистуваат насобраните гранки од мостот.

– Од 12 до 16 часот денеска на автопатот „А2“ – Кичево-Охрид, што е во изградба, ќе се изврши минирање. Доколку граѓаните слушнат силни детонации, да не се вознемируваат, а истовремено да ги почитуваат сигналите за краткотрајно стопирање на движењето за време на конкретно поединечно минирање, наведуваат од ЦУК.

Оттаму повторно апелираат на внимателност поради наглите временски промени. Меѓу другото, се препорачува внимателно возење, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на помали одрони.

Фото: Архива

Претходна вестМинистерот Тошковски најавува: Ќе се затвори импровизираниот „Луна парк“ пред СЦ „Борис Трајковски“
Следна вестСообраќајна несреќа кај Росоман