Д-р. Чолакова-Дервишова: Со игнорирањето на барањата на приватните лекари надлежните покажуваат дека не се грижат за здравјето на граѓаните

Матичните лекари и докторите специјалисти од секундарното здравство од Здружението на приватни лекари (ЗПЛМ) денеска се одново на протест и нема да работат со пациенти со „Мој термин“. Околу причините за овој нов протест зборуваме со д-р Лили Чолакова – Дервишова од Здружение на приватни лекари на Македонија.

Зошто граѓаните денеска пак нема да можат да користат ваши услуги, да добијат здравствена заштита? Зошто протестирате?

-Причина е во тоа што од нашиот последен протест на 18 февруари, по средбите и договорите што сме ги имале со министерот за здравство Беким Сали, со заменик-министер Влаидмир Рендевски и други околу нашите барања практично ништо не е реализирано. Тие тогаш побараа десет дена за да најдат решенија, ние дадовме рок од две недели, но сега излезе дека ништо не е направено. Требаше да се оформат работни групи, кои ќе работат по проблематиката која нè допира. Очекувавме неколку точки да се придвижат, режим на лекови, покачување на вредноста на капитација… Точките за работа ги определивме, која е за со Министерството за здравство, која е со Фондот за здравство. Требаше да има и јавна расправа, но ништо од тоа. Не се најде ниту решение за тоа да не плаќаме индустриска струја, а што можеше брзо да се реши. Која „индустрија“ се има во матичните ординации за да треба да се плаќа толку скапа струја? Ние не велиме дека се треба од утре да се реши, но треба да почне да се решава. Ова само покажува како надлежните не се грижат за нашата положба, за условите во кои работиме, практично, за здравствената заштита на граѓаните.

Кои се ваши главни барања, што треба да се исполни?

-Основно е тоа приватните доктори да добијат материјална сигурност. Не може да еден лекар специјалист во државно здравство сега да има плата од 90.000 денари, а лекар – специјалист во приватно здравство за својата ординација да добива месечно 83.000 денари за сите потреби. Тоа е веќе апсурдно и неиздржливо. Лекарите се доведени до раб на егзистенција. Потребно е да се направи и примени нова методологија за вреднување на капитацијата. Не може веќе износот на капитацијата да се не менува четири години во ситуација кога растат сите трошоци. Како ние да им обебзедуваме поголеми плати на вработените, како да им даваме К-15 кој е секоја година поголем, како да набавуваме нова опрема и делови за постоечката. Како да плаќате струjа од 46.000 денари, колкава е сметката што ја добил еден педијатар во Велес согласно на индустриската тарифа… Ние имаме цел куп на обврски кои ги плаќаме и кои ни се веќе неиздржливи.

Треба да се примени нова методологија која ќе ги следи порастот на трошоците на животот. И тоа треба редовно да се усогласува. Само на таков начин приватните лекари и во иднина ќе можат да се грижат за здравјето на граѓаните.

Што доколку и по овој простест вашите барања останат неприфатени?

-За тоа ќе решаваме после. Но, надлежните треба да сфатат дека состојбата станува неодржлива. Ќе се дојде во ситуација да имаме се помалку лекари. Старите ќе се пензионираат, а младите нема да сакаат да отвораат ординации. Ова посебно важи за малите места. Граѓаните во нив први ќе почувствуваат последици од тоа. Ќе треба од мали места да патуваат во поголемите за да добијат рецепт или преглед. Потребна е посебна грижа токму за тие лекари во малите места, каде што нема многу пациенти, но каде треба и мора да има ординации. Вака, без материјална сигурност, таму никој нема да сака да оди да работи.  

Претходна вестБислимовски: Обвинителството ќе истражува кои бензински пумпи сакаа да бидат воени профитери
Следна вестСкопјанка со нож го нападнала и повредила партнерот