Да почекаме, Владата ќе работи по насоки на експерти за патот Кичево – Охрид

Уште неколку дена и завршува оваа 2023 година. Требаше да ја паметиме и по тоа што во нејзините денови ќе се завршеше децениски градениот автопат Кичево Охрид.

Ништо од тоа владино ветување не бидна. Нема да има трубачи во некој тунел за да се слави.

Ама еве уште неколку часа па се очекува денеска да биде доставен експертскиот извештај за автопатот Кичево -Охрид кој го гради кинеска фирма. Оваа вест ја најави Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски:

– Очекувам денеска да биде доставен извештајот до Јавното претпријатие за државни патишта од страна на ФИДИК експертите и надзорот и потоа да биде аплицирана информација на Влада и на наредната недела да ја разгледаме таа точка заедно со директорот на Јавното претпријатие за државни патишта и експертите, со што сите министри во Владата ќе бидат информирани за состојбите и да го одбереме најдобриот модел за овој значаен инфраструктурен проект, изјави Бочварски.

Значи, треба да почекаме информацијата да дојде, па да почекаме Владата да ја разгледа, па да почекаме што ќе одлучи, па…

Но, нема потреба од разочараност од легендарното одолговлекување на изградбата. Министерот најави дека најважно е што секој чекор што ќе го направи државата во следниот период да биде согласно насоките на експертите.

ПС 1: До сега, по чии ли насоки работеа?

ПС 2: Пред неколку месеци на еден митинг премиерот Ковачевски силно извикна пред граѓаните – стани Бочварски сите да те видат, ти ќе си одговорен за тоа патот Кичево – Охрид да биде готов до крајот 2023 година.

Претходна вестНема карти за македонските навивачи, распродaдени билетите за Европското ракометно првенство
Следна вестПотврдено, Елмас од Наполи се сели во Бундеслигата, во Лајпциг