Далеку од очите на јавноста: Синот на Талат Џафери, сопругите на Абази и Муцунски… си ги добија дипломите

Далеку од очите на јавноста и со покана за присуство до само еден медиум Академијата за судии и јавни обвинители во големата сала во Врховниот суд вчера попладне свечено им ги доделила дипломите на годинешната класа дипломци. Уверението за завршената Академија го добија и редица синови, ќерки, сопруги и други роднини на актуелни и поранешни политичари, судии и обвинители, а што неодамна предизвка бројни рекации во јавноста.

На свеченоста од медиумите била поканета само државната агенција МИА.

-На медиумите кои случајно дознале за настанот, директорката на Академијата, Наташа Габер – Дамјановска им изјави дека процениле дека нема доволно место за сите медиуми, биле претплатени на МИА и агенцијата при известувањето ниту додавала, ниту одземала. Но, таа не одговори конкретно дали можеби медиумите не биле поканети за да не им поставуваат прашања на кандидатите кои со месеци беа во фокусот на јавноста, пишува „Фокус“.

Дипломите ги зедоа и идните обвинители: синот на собранискиот спикер, Талат Џафери, Албулена Абази, сопругата на актуелниот раководител на Обвинителството за гонење на организиран криминал, Ислам Абази, сопругата на градоначалникот на Аеродром, Тимчо Муцунски која ќе стане судијка и уште над педесет слушатели на Академијата чии имиња се поврзуваа со лица од политиката и правосудството. Најмногу внимание предизвика синот на Џафери, за кого Антикорупциска утврди дека положил правосуден испит пред да се стекне со диплома со соодветен степен на образование.

Габер-Дамјановска во своето обраќање на кандидатите им порача дека треба да му служат и да го штитат јавниот интерес.

– Никогаш да не ги компромитирате општествените вредности или посветеноста кон правдата, дури и кога се соочувате со тешки одлуки или кога трпите притисок од надворешни сили. Истовремено, вашите одлуки имаат длабоко влијание врз човечките животи, па затоа е важно да им пристапувате човечки, со емпатија, непристрасност и да бидете фер. Ве охрабрувам да негувате моќна и ефикасна соработка со другите институции во судскиот и правниот систем. Почитувајте ги и оние кои се хиерархиски над вас, но и под вас, порача Габер – Дамјановска.

Од вкупно 58 слушатели на седмата генерација на Академијата на судии и јавни обвинители, 30 положија за судии, а 28 за обвинители. Синот на Џафери конкурираше за обвинителството во Гостивар, сопругата на Абази за обвинител во Кичево. Вчера, пак, Судскиот совет донесе одлука за избор на вкупно 31 судија низ повеќе основни судови низ внатрешноста на државата, без Скопје.

Претходна вестЗдравствените работници на протест пред Министерството за здравство
Следна вестАпелите не помагаат: 169 санкционирани возачи во Скопје, секој трет за пребрзо возење