Здравствените работници на протест пред Министерството за здравство

Протест пред Министерството за здравство денеска ќе одржат здравствените работници со кој ќе го искажат незадоволството поради тоа што не е потпишан анекс со кој ќе се овозможи да им се покачат платите. Зад протестот стои Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита и синдикатот на Клиничкиот центар.

Синдикалците се незадоволни од игнорантскиот однос на Министерството за здравство и на Фондот за здравство кои не одговараат на нивните барања за анекс на колективниот договор со кој се предвидува зголемување на месечните примања по 2.000 за лекарите до 3.000 денари за сестрите и другиот среден кадар, кои со покачувањето на минималната плата се изедначија со хигиеничарите.

-Ние веќе шест месеци чекаме на потпишување на тој анекс, сите рокови се пробиени, членството е максимално револтирано и не можеме да седиме со скрстени раце“, изјави д-р Предраг Серафимовски, потпретседател на Синдикатот на клинички.

Синдикатите информираат дека и покрај протестите нема да има застој во давањето здравствени услуги на пациентите.

Ако не се исполнат нивните барања, се најавува и генерален штрајк во јавното здравство.

Претходна вестВладата донесе одлука да ѝ донира хеликоптери на Украина
Следна вестДалеку од очите на јавноста: Синот на Талат Џафери, сопругите на Абази и Муцунски… си ги добија дипломите