Ќе се доградува зградата на основното училиште „Лазо Ангеловски” во Ново Лисиче, па на тој начин учениците ќе добијат повеќе простор и нема да мора да учат во 3 смени. Ова го соопшти директорот на училиштето кој го пофали советот на општина Аеродром и самата власт дека „издејствувале постигнување на целта“.
Добро е што се гради. Но Аеродромци имаат прашање кои ги поставуваат на социјалните мрежи. Се сомневаат дека брзо ќе почне и дека исто така ќе заврши. Дотолку повеќе затоа што не е даден рок до кога би се завршило доградувањето.
– Ако „Лазо Ангеловски“ го градите како „Димитар Македонски“ тешко нас, уште најмалку еден мандат ништо нема да видиме…
-Од „ќе“ изјави видовме колку исполнувате! Најдобро е да си ги преброите најавите со „ќе“ и потоа да споредите со тоа што од тие ветувања сте исполниле, па самите да се засрамите…
-„Диимитар Македонски“ го градите кој знае колку време, ви се погоди пандемијата да измислувате нови и нови оправдувања, требаше да биде готово оваа учебна година, ама ништо… Па требаше до Нова година да се завршела една фаза…Каков лажен датум ќе дадете следен? – пишуваат аеродромци под веста за „Лазо Ангеловски“, која се рашири по социјалните мрежи.
Колку за потсетување, последното соопштение на градоначалникот Златко Марин е во октомври 2020, кога рече дека „по средбата во Министерството за образование и наука, се интензивира изградбата на училиштето „Димитар Македонски“„.
Дали и „Лазо Ангеловски“ ќе го стрефи иста судбина како „Димитар Македонски“?