Дали македонската влада нешто тајно договара со Бугарија? Какви документи Софија му дала на Скопје да потпише?

Што значат пораките што вчера ги испрати шефот на бугарската дипломатија Светлан Стоев на прес-конференција во Софија со неговиот хрватски колега Гордан Грлиќ? Стоев, меѓу другото, нагласи дека преговорите на експертско ниво меѓу Скопје и Софија течат, и оти се предадени бугарските предлози и текстови.

Она што конкретно збунува е тоа што шефот на бугарската дипломатија, посебно потенцираше, дека до крајот на октомври ќе има нов круг консултации меѓу Бугарија и Македонија и доколку се постигне согласност, она што ќе биде договорено, може да биде потпишано од двајцата министри за надворешни работи.

Што е тоа што Македонија добила, каков документ? Зошто премиерот Зоран Заев упорно негира целовреме дека било што се преговара со Бугарија? Истото го негираше и професорот и претставник на македонската влада во преговорите со Бугарија, Владо Бучковски? Дали ова значи дека македонската влада тајно договара нешто со Бугарија, наспроти договорената резолуција за црвените линии во Собрание? Што е тоа што треба да потпише Македонија?

На самитот ЕУ-Западен Балкан минатата недела, бугарскиот претседател Румен Радев му порача на официјално Скопје дека без потпишувањето на протоколот односно анексот на добрососедскиот договор – во кој има еден дополнителен услов а тоа е вметнувањето на Бугарите во македонскиот Устав, нема одблокиране на евроинтегративниот пат. Владата не до крај ја објасни и оваа изјава. Но, по вчерашната на Стоев денеска Владата ќе треба да каже се.

Претходна вестОграбена аптека на „Партизанска“, крадецот ја нападнал фармацевтката
Следна вестДва дена остануваат од конкурсот за фестивалот за кратки книжевни форми