Дали со кршење на Деловникот се изгласа новиот Деловник?

По тензиите и инцидентот во македонското Собрание синоќа изгласа нов Деловник за работа кој ќе важи од следниот парламентарен состав. Се донесе она што си договорија најголемите партии од власта и од опозицијата. Врз основа на примената на досегашниот Деловник се изгласа новиот правилник за работа при што вкупно 83 пратеници гласаа „за“, а двајца до Левица беа „против“.

Со тоа, по претстојните избори, една од главните промени е дека во собраниската работа опозицијата веќе нема да има можност за „филибастеринг“, односно нема да има можност со многу амандмани да ја принуди власта на преговори за некое законско решение или одлука. Секој закон, практично, ќе може да се протурка од страна на кое и да е парламентарно мнозинство за само пет дена, без оглед на тоа колку амандамни ќе поднесе опозицијата. 

Новиот деловник ќе донел поголема ефикасност на Собранието. Тоа се објаснувањата на оние кои го изгласаа.

Но каква беше ефикасноста синоќа за време на тензичната седница? Дали се почитуваше постојниот Деловник? Не требаше ли да се разгледуваат и да се гласа по многуте амандмани на „Левица“?

Се случи експресно отфрлање на околу 2.500 амандмани поднесени од Левица. Па така, во процедура останаа само нивни 12 „исправни“ амандмани.

-По која основа се отфрлени нашите амандмани, кои не се ниту заведени, немаат архивски број. Мора да ја прекинете седница, бурно реагираше синоќа пратеникот Борислав Крмов пред да се случи инцидентот со кршење на собраниски инвентар.

Лидерот на Левица Димитар Апасиев со својот чевел на собраниската говорница удираше „печати“ на амандманите кои потоа му ги даваше на собранискиот потпретседател Горан Мисовски.

-Еве го „Жан Моне“ процесот! Одличен е! Европски, по сите стандарди, по сите шверцерски стандарди на ДУИ. А Вие како слуга на ДУИ, супер си ја извршивте функцијата. Ако ви треба пародизација на процесот – еве ви го, повелете, рече Апасиев и маваше со чевелот по амандманите.

Настапот на пратениците од „Левица“ беше на моменти прегруб – преагресивен, но како негативност остана да лебди и прашањето: Дали со кршење на Деловникот се донесе новиот Деловник?

А какви ќе бидат последиците од новиот Деловник ќе се види во новиот парламентарен состав. Се предупредуваше дека ќе се губи демократската можност на опозицијата да влијае на носење на одредени важни одлуки во парламентот. Се предупредуваше на тоа дека се ќе се сведе на само на пет дена дебата, а власта трпеливо чека и потоа прави-гласа што наумила.

Но, можеби тоа е новата посакувана „функционалност“ за доброто на сите во Македонија?

Претходна вестПерсонализирана медицина, новиот начин на лечење
Следна вестОпожарени автомобили во скопско Лисиче