Данела Арсовска назначена за претседателка на „Нова Алтернатива“

Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска синоќа беше промовирана како нова претседателка на политичката партија „Нова Алтернатива“, која досега беше дел од владината коалиција. Таа најави излегување од коалиција и настап на парламентарните избори што треба да се одржат на 8 мај.

На промоцијата од партијата посочија дека Арсовска добила едногласна поддршка од делегатите кои истакнаа дека со неа очекуваат „нови успеси и рекордна поддршка на идните парламентарни избори“. Следната недела се очекува да почнат активностите за избор на партиските органи и програмата. Во однос на евентуалното коалицирање за изборите, како што рече Арсовска во изјава за медиумите, сите опции се отворени.

-Тоа е нешто за коешто треба нормално да се разговара. И во овој момент сметам дека е премногу рано како Нова Алтернатива да можеме генерално и да дадеме ваков одговор, меѓутоа она коешто го знаеме е дека ќе учествуваме на претстојните парламентарните збори. Имаме многу од нашите граѓани коишто не поддржуваат, коишто знаат за какви лица се работи кои можат да дадат многу за иднината на нашата земја, рече Арсовска.

Актуелниот генерален секретар на СДСМ, Миле Зечевиќ, пак, беше меѓу гостите на партиската конвенција.

Арсовска во обраќањето рече дека е Македонија е земја во која половина милион наши сограѓани живеат по прагот на сиромаштијата, земја во која царува криминалот, корупцијата, непотизмот.

-Горда сум што не припаѓам на овој деформиран, корумпиран политички естаблишмент, и горда сум што можам да кажам дека припаѓам на генерација која од една страна е сведок на сите неправди, а од друга страна знае како да ги исправи сите, рече таа.

Партијата, како што посочи таа, ќе се заснова на четири постулати: правдата, ослободување на економијата од стегите на крупниот капитал и воведување на еднакви можности, борбата со корупцијата и криминалот и целосна дигитализација на јавната администрација.

Нова Алтернатива беше создадена во 2007 година од страна на Ѓорѓи Оровчанец, кој е поранешен министер за здравство и пратеник, како и ексчлен на ВМРО-Народна партија.

Претходна вестПроменливо облачно и потопло со повремени врнежи од дожд
Следна вестДенеска е Водокрст, денот кога се крштева водата која добива лековита моќ