Денеска е Водокрст, денот кога се крштева водата која добива лековита моќ

Празникот Водокрст со кој се воспева силата и моќта на Крстот и се врши крштевање на водата која со силата на Светиот Дух добива лековита моќ, прославуваат денеска православните христијански верници. Празникот е востановен во спомен на првите христијани кои биле крштевани и истите го примиле христијанството а се одбележува ден пред големиот христијански празник Богојавление – Водици. Празникот е познат и под името Водопост, како ден на строг пост, во кој се пости само на вода.

Водокрст е ден кој му претходи на Богојавление – Водици, односно денот на крштевањето на Исус Христос во реката Јордан. На тој ден, Божјиот Син навршил триесет години од телесното раѓање и тргнал да го извршува Својот учителски и спасителен подвиг. Како што дознаваме од Новиот завет, во мигот кога Свети Јован Крстител го крштевал Исуса Христос во реката Јордан, во еден миг се појавило Светото Тројство: Отецот се јавил од небото сведочејќи за Синот, Синот се крштевал во реката Јордан, додека Светиот Дух сведочејќи за Него, се појавил во вид на гулаб.

Денеска, традиционално, ќе се крсти вода за Водокрст по храмовите која, според верувањето, претставува Божја благодат: таа ги чисти од нечистотија сите оние кои веруваат, ги осветува и закрепнува на подвиг за спасение во Господа. Светата вода задолжително се користи кога се осветува црква и свети предмети кои се употребуваат за време на богослужбите, кога се осветуваат домови или некои предмет од домакинството. Со света вода не’ попрскуваат на литиите, на молебните. На Водокрст и на Богојавление секој православен христијани носи шишенце со света вода, внимателно ја чува како најсвета светиња, земајки ја со молитва за време на болест или немоќ.

Свети Димитриј Херсонски пишувал:„Светата вода има сила да ги осветува душите и телата на сите што ја користат. Ако се користи со вера и молитва, таа ги лекува сите наши телесни болести“.

Чинот на водосвет кој се извршува на Водокрст и на Богојавление, се нарекува голем водосвет, заради посебно свечениот чин кој е проткаен со сеќавање на крштението Господово, во кој Црквата не гледа само таинствено очистување од гревовите, туку и вистинско осветување на природата на водата преку потопување на Бог во тело во неа.

Денот Водокрст, пред Богојавление (Водици) има важно место во животот на нашиот народ. Во очекување на големиот празник народот изведувал многу обичаи кои се поврзани со крстот и осветувањето на водата, но и со обезбедување плодородие во годината што следува. Може да се види дека многу од овие обичаи водат потекло од претхристијанскиот период, но во христијанството добиле нова смисла и значење.

На овој ден верниците одат во црква, палат свеќа, се крстат и ја читаат „Оче наш“. Осветената вода се пие само со почит и молитва а се дава и на деца со вера дека ќе ги излечи и заштити. На овој ден, со молитва во срцето, мајките ќе направат знак на крст со масло на челото на детенцето, а крстената вода ќе ја чуваат во домот и ќе ги мијат децата преку целата година – ако е потребно.

Од Божиќ до Богојавление, наместо со „Добар ден“, соседите се поздравуваат со „Христос се роди“, а на Богојавление или Водици со „Бог се јави“.

За луѓето што се родени на овој ден се верува дека на нивните слаби рамења ја носат сенката на Светиот Крст и затоа се посебно одговорни за своите постапки пред Бога.

Водопост е ден кога верниците треба да се подготват за утрешниот празник Богојавление – денот на крштевањето на Исус Христос во реката Јордан кога Божјиот Син навршил триесет години од телесното раѓање и тргнал да го извршува Својот учителски и спасителен подвиг. Како што дознаваме од Новиот завет, во мигот кога Свети Јован Крстител го крштевал Исуса Христос во реката, во еден миг се појавило Светото Тројство: гласот на Отецот му се јавил на сетилото за слух, Духот на сетилото за вид – во вид на гулаб на небото, а Синот бил достапен за сетилото за допир.

Како што е запишано во Евангелијата, за тоа посведочил и Свети Јован Крстител кој рекол: „Еве го јагнето Божјо кое на Себе ги зеде гревовите на светот”. Откако ги кажал тие зборови, го потопил и го крстил Божјиот Син во Јордан.

Претходна вестДанела Арсовска назначена за претседателка на „Нова Алтернатива“
Следна вестПочина Југослав Тодоровски – поранешен градоначалник на Скопје