Најдобриот македонски атлетичар, маратонецот Дарио Ивановски, имаше успешен настап на Европското првенство во Рим. Нашиот атлетичар полумаратонот го заврши со државен рекорд и пласман на 29-тата позиција од 66 натпреварувачи. Тој сега се подготвува за настапот на Олимписките игри каде што ќе ја претставува Македонија на маратонската трка.
Врзано со тоа, тој денеска преку социјалните мрежи испрати и порака:
-Почитувани пријатели и подржувачи. За мене заврши и последната трка, трка која е пред почетокот на една од моите животни цели, вистинска љубов и пасија за која живеам целиот мој живот. Оние кои ме знаат добро, знаат колку труд и жртва вложив да бидам дел од Олимписките игри во Париз. Настапот на европското првенство можам да кажам дека го дадов својот максимум со оглед на тоа каков период на опоравок поминав после маратоните и “бркотницата” за да влезам во ранкингот за олимпискиот сон. Кога ке ме прашаа како се чувствувам, дали сите овие настапи ме имаат исцрпено, им одговарав кратко… Гладен сум!
Бев свесен дека после 4 истрчани маратони во 5 месеци ке имам некоја ситна последица, но оставив на Бог да ме држи здрав и жив а јас да останам мирен и фокусиран до крајот на ова патешествие. Европското првенство ми беше еден добар тест дека телото и нервниот систем ми се добро опоравени, а јас повторно останав гладен, гладен за најдоброто што следува од мене. Завршив на 29-то место од 60+ натпреварувачи и поставив нов државен рекорд. Можам да кажам дека и во ваква состојба сум конкурентен во Европа, трчав рамо до рамо со огромни шампиони и докажани атлети, напиша Ивановски.