Денеска е Преображение Господово

Православните христијански верници денеска го слават Преображението Господово, празник посветен на сеќавањето на настанот на Христовата преобразба на планината Тавор кога ги објавува неговите страдања и слава.  Во црква на Преображение, како знак на благодарност на Бога за плодовите дадени од земјата, грозјето се осветува и се дава на луѓето, а во области каде што нема грозје, се делат други плодови.

Овој празник секогаш паѓа во време на Богородичниот пост. Затоа празничната трпеза е збогатена со вино и риба. На крај на светата литургија се осветува и грозје, кое се дели на гробовите за покој на душата.

Во народот постои верување дека на овој празник целата природа се преобразува, дека од денеска ноќите стануваат поладни како и дека од овој ден почнува да се најавува скорешното доаѓање на есента.

Како што се верува, на денешниот ден не треба да се бањаме во отворени води, реки и мориња. На Преображение не е добро да се спие преку ден, бидејќи кој отспие преку ден, цела година ќе биде дремлив. Не е добро ни да се плаче, ниту пак цел ден да се помине во кафеана, како не би станале расипници. Но она што е задолжително е на овој ден да пробате грозје.

Претходна вестИ денеска променливо сончево, попладне дожд
Следна вестШто навистина ќе се случи со Пржинската влада?