Денеска е Спасовден, празник на Христовото вознесение по кое се чека неговото повторно доаѓање

„А по разговорот со нив, Господ се вознесе на небо и седна од десната страна на Бога. Тие, пак, отидоа и проповедаа насекаде; и Господ го окрепуваше словото нивно со чудеса, што се јавуваа. Амин!…“ Вака во Евангелието според Марко во Новиот завет е опишано Вознесение Христово, Ден на Спасителот или Спасовден — христијански подвижен празник кој се слави 40 дена по Велигден. Ова е голем празник на христијаните кој  секогаш се празнува во четврток, на 40-тиот ден по Воскресението Христово – Велигден и со завршува поздравувањето меѓу верниците „Христос воскресе – Ваистина воскресе“. Господ во текот на 40 дена по своето воскресение им се јавуваше на учениците, зборувајќи им за царството Божјо. И откако им заповеда да не го напуштаат Ерусалим, туку да го чекаат слегувањето на Светиот Дух, тој ги изведе своите ученици во Витанија, ги благослови и се вознесе на небото.

Додека учениците гледаа во облакот што го сокри Господа пред нивните очи, ангелите им објавија дека истиот Исус кој од нив се вознесе на небото пак ќе дојде на ист начин како што го видоа да се вознесува. Односно, се врати при Својот Отец за да Го испрати при учениците Духот на Вистината. Оттогаш Христос седи од десната страна на Отецот. Одењето кај Отецот е чин јавен: се случува пред очите на апостолите. Христос се подига во воздухот и облак Го подзема носејќи Го на небото.

Последните пораки што им ги дава се подготовки за Педесетницата.

-Не оддалечувајте се од Ерусалим, туку чекајте го ветувањето од Отецот, за кое сте слушале од Мене! Зашто Јован крштеваше со вода, а вие не по многу дни од денес, ќе бидете крстени со Светиот Дух. А тие, кога се собраа, Го прашаа велејќи: Во ова време ли го востановуваш, Господи, царството Израилево? И Он им одговори: Не е ваше да ги знаете времињата или годините, што Отецот ги задржал во Своја власт; но ќе примите сила, кога врз вас ќе слезе Светиот Дух; и ќе Ми бидете сведоци и во цела Јудеја и Самарија, и дури до крајот на земјата (Дела 1, 4 – 8). И веднаш, додека гледаа како се крева на небото, двајца мажи во бела облека, всушност ангели, благовестеа за Второто доаѓање на Христос на земјата, е запишано во Евангелијата.

По ова, апостолите ја ширеле веста за чудото на Исус низ светот и така почнале да го спасуваат човештвото – оттука и името Спасовден. Затоа овој ден е време на славење и симбол на победата над смртта.

Овој празник се нарекува Спасовден затоа што во денот на Христовото вознесение се доврши делото на спасението.

Иако е востановен уште во апостолски времиња, празникот на вознесението не се празнувал одделно на четириесеттиот ден по Велигден туку во Педесетницата биле слеани повеќе спомени и тука бил стопен и овој спомен. Дури во крајот на 4 век тој спомен е одделен од Педестиницата, кога се празнува слегувањето на Светиот Дух врз апостолите, празник познат и под имињата Духовден (Дуовден) и Света Троица.

Многу обичаи за Спасовден се зачувани уште од предхристијанско време. Според верувањето, на овој ден, богот на громот Перун ги победил земјоделските култури со гром и град, а божеството Спас со помош на жито во раката ги спасил земјоделските култури. Поради тоа, на некои места остана обичај да се заколат јагниња за Спасовден.

Крстот е составен дел од ритуалот на Спасовден. Луѓето во некои делови сè уште веруваат дека на денот на Спасителот, секој мора да направи крст од гранчиња на лешници. Кој подоцна се поставува на ливади, полиња или на покривите на куќите … каде и да е потребна заштита од демони и зли дела. Во минатото верувале дека овие крстови ќе ги спасат од зло во текот на целата година.

На овој ден, во повеќе села се организира литургија со поворка предводена од свештеници кои шетаат низ црквата и кажуваат молитви.

Момчињата и девојчињата треба да соберат што е можно повеќе цвеќиња на овој ден, затоа што се верува дека Спасовден е „добар ден за претскажување“. На овој ден е обичај да се замисли драга личност и, да искинеш ливчиња од цвеќе и, полека да кажеш: „Тој ме сака – тој не ме сака“. Последното ливче што останува, исто така, го крие одговорот на тоа прашање.

За овој празник се врзани многу верувања и суеверија, кои во некои краишта се уште се почитуваат. За Спасовден се колеле јагниња, а старите верувале дека од Нова година до Спасовден не треба да се пие млеко. Се верувало дека на Спасовден мажите не треба да се бричат, жените да се мијат, а децата да се бањаат. На Спасовден никако не треба да се спие преку ден, за да не се дреме цела година. На тој ден богатите после одењето од црква повикувале гости на ручек, а помалку богатите го продолжувале дружењето пред црква, каде народот се собирал и веселел.

Претходна вестБез струја неколку скопски општини
Следна вестЗемјотрес во Србија