Денеска е Свето Благовештение – Благовец, празник на Пресвета Богородица и на радосната вест

Православните христијани во Македонија денеска го слават големиот празник Свето Благовештение – Благовец, кој секогаш се паѓа на истиот датум, на 7 април според новиот календар, а според стариот на 25 март.

Меѓу народот, овој празник е познат и како Благоец или Блошчојне. Се смета за тежок празник, затоа што според адетите, на овој ден не треба ништо да се работи. Некои дури го сметаат за голем празник како Велигден поради што се вели: „Благовец, прв ден Велигден“. Тогаш се оди на именден кај оние што имаат име Благоја, Блаже, Благојка, Благица итн.

Свето Благовештение е празник на Пресвета Богородица, но некои го сметаат и за празник Господов.

Празникот Благовештение на Богородица е воедно и Господов и Богородичен празник. Господов е бидејќи се однесува на Христа Господа, Којшто беше зачнат во утробата на Богорица, а Богородичен е бидејќи се однесува на онаа личност којашто придонесе за зачнувањето и вочовечувањето на Логосот Божји, т.е. се однесува на Пресвета Богородица“. Учењето за Богородица и учењето за Исус се неразделно поврзани зашто „кога зборуваме за Христа, не можеме да ја превидиме таа што Му даде тело, а кога зборуваме за Богородица, истовремено се осврнуваме и на Христа, зашто таа од Него црпи благодат и значаење“.

Повеќе аспекти од чинот на Благовештението заслужуваат посебно внимание. Пред сè тоа единството на природното и натприродното во тој чин. „Тоа покажува дека зачнувањето и носењето во утробата, но и раѓањето Христово, се случија природно и натприродно. Натаприродно затоа што се случи творечки од Пресветиот Дух, а не со семе. Природно, затоа што носењето во утробата беше исто на начинот на којшто се носи младенец во утробата“.

Светото предание раскажува дека кога Пресветата Дева наврши единаесет години пребивање и служење во ерусалимскиот храм и четиринаест од раѓањето – значи кога стапи во петнаесеттата година од животот – свештениците и соопштија дека според Законот повеќе не може да остане при храмот, туку треба да пристапи кон веридба и брак. Одговорот на Пресветата Дева беше големо изненадување за тамошните свештеници. Изјави дека Таа себеси Му се посветила на Бога и не сака да стапува во брак со никого. По Божја Промисла и вдахновение тогаш првосвештеникот Захарија, татко на Св. Јован Крстител, се договори со другите свештеници, па собраа дванаесет безжени луѓе од Давидовото племе за да пронајдат еден на кого што би му ја довериле Дева Марија како на оној кој ќе ја чува Нејзината девственост и ќе се грижи за Неа. Му ја доверија на стариот Јосиф од Назарет, којшто и беше роднина. Во домот Јосифов Пресветата Дева продолжи да живее исто како во Соломоновиот храм, минувајќи го времето во читање на Светото Писмо, во богомислие и ракоделие. Од дома не излегуваше речиси никогаш ниту се интересираше за светските работи и настани. Малку зборуваше со кого било и никогаш без особена потреба. Најчесто општеше со ќерките на Јосиф. Но кога се исполни времето означено со пророштвото на Даниил и кога Бог благоволи да го исполни ветувањето што му го даде на прогонетиот Адам и на Пророците, на Пресветата Дева и се јави во одајата великиот архангел Гавриил, а некои свештеници пишуваа дека во оној миг Таа го имала пред себе отворено пророштвото на Исаија кој вели: „Ете, девојка ќе зачне и ќе роди син!“ Гавриил и се јави во архангелска светлина и ? рече: „Радувај се, благодатна! Господ е со Тебе!“ И се друго, како што пишува во Евангелието на Божествениот Лука. Со оваа архангелска благовест и со слегувањето на Светиот Дух врз Пречистата Дева, започна спасението на луѓето и обновата на созданието.

Во чест на таа блага вест што ангелот ѝ ја пренесол на Света Дева Марија црквата го востановила празникот Свето Благовештение или Благовест што се празнува точно девет месеци пред Божик. Но нема попрецизни податоци од кога се празнува овој празник. Се знае сигурно дека се празнувал во 7 век, но некои сведоштва укажуваат дека тој се празнувал и неколку векови порано. Така на пр. постои податок дека во Назарет постоела црква во спомен на Благовест што ја подигнала царицата Елена на местото каде што се случил настанот Свето Благовештение. Има и друго сведоштво дека во Назарет точно на местото на кое Архангел Гаврил ѝ ја пренел на Богородица радосната вест била подигната црква во спомен на тој настан.

Како голем црковен празник празникот Свето Благовештение нашол значајно место и во народниот живот. Според народните верувања овој ден е благ, па и раната не боли, па затоа на малите деца токму на овој ден им ги дупат ушите за обетки. Со Благовец е поврзано и доаѓањето на птиците преселници, штркот, ластовицата, кукавицата, пупунецот, славејот и др. Се верува дека тие ќе дојдат на овој ден дури и да врне снег. Исто така се верува дека оние кои сакаат да имаат деца треба да појдат во црквите и во манастирите, и да се помолат на иконите посветени на Благовештение и да се помолат.

Претходна вестНеколку малолетници дивееле и се заканувале во центарот на Скопје
Следна вестВремето денес сончево со мала до умерена облачност, температурата до 28 степени