Денеска ќе заседава Комисијата за заразни болести, за неполн месец пет починати од вирусот на грип

Комисијата за заразни болести на денешната седница ќе ја разгледува целата состојба во земјата, а засега нема нови случаи на голема кашлица, изјави вчера министерот за здравство Фатмир Меџити.

Од друга страна, од вирусот на грипот оваа сезона почина уште еден пациент. На Инфективна починал пациент поради компликации од вирусот, кој имал и тешка хронична болест. На Клиниката веќе регистрирале зголемени гужви и во амбулантите и во болничкиот дел.

-Од инфлуенца минатата недела е починат пациент кој имал тешка белодробна болест. Се следат тешки клинички слики на инфлунеца, како и на ковид. На одделот каде се хоспитализирани пациентите со ковид има 6 и тие се повозрасни пациенти со повеќе коморбидитети, изјави д-р Милена Стевановиќ, директор на Клиника за Инфективни болести за телевизија Сител.

Минатата недела според извештајот на ИЈЗ, двајца пациенти од грип починаа на Пулмологија кои имале хронични заболувања, а на крајот на 2023 двајца болни ја изгубија битката со вирусот во штипската болница.

Освен гужви на Инфективна, многу болни деца има и во Клиниката Козле каде освен грипот доминира и респираторниот синцицијален вирус. Имаат над 200 прегледи дневно. Дали Комисијата за заразни болести ќе даде одредени препораки останува да се види по денешната седница.

Претходна вестВоздухот пак опасен: Скопје утринава на седмо место според загаденоста на воздухот во светот
Следна вестШестмина поминале на црвено, петмина зборувале на телефон…, казнети 124 возачи