Воздухот пак опасен: Скопје утринава на седмо место според загаденоста на воздухот во светот

Загаденоста на воздухот одново владее во македонската метропола Скопје. Тоа го покажува и утринското рангирање на познатата интернет страница за мерење на загаденоста на воздухот во светските метрополи Iqair.com, на која Скопје е ставено на седмо место.

-Индексот на квалитетот на воздухот во Скопје е 162, при што е најголемо загадување со концентрацијата на ПМ2,5 честички, се наведува во објавата на оваа интернет страница со назнака дека се работи објавата во 6 часот.

Се наведува дека концентрацијата на штетните ПМ2,5 честички е 77,2 единици на метер кубен воздух, а на ПМ10 честички – 169,4 единици.

-Воздухот е нездрав. Тоа е концентрација на ПМ2,5 честички којашто е за 15,4 пати поголема од годишната вредност на Упатството за квалитетот на воздухот на Светската здравствена организација, се наведува во објавата на оваа позната интернет страница.

На неа се гледа и препорака до граѓаните да во вакви услови носат заштитни маски, да не отвораат прозорци и да не возат велосипеди.

И интернет страницата waqi.info покажува прекумерна загаденост. Најлоша состојба утринава е на подрачјето на Гази Баба каде измерениот индекс е 190, како и во Ѓорче Петров – 160. Загаденоста е помала во Центар – 121.

Очигледно, сезоната на зголемено загадување на воздухот во Скопје веќе навелико трае со сите лоши последици што ги носи. За жал, единствена помош доаѓа од ветерот кој, пак, деновиве ретко дува. Прашањето е дали надлежните го чувствуваат тоа и дали ќе почнат да преземаат некои мерки?

Претходна вестПроменливо облачно со слаби локални врнежи од дожд
Следна вестДенеска ќе заседава Комисијата за заразни болести, за неполн месец пет починати од вирусот на грип