Денеска се слават Младенци, празникот на љубовта и младоста

Младенци – еден од поголемите христијански празници од пролетниот циклус каде што се слави споменот на четириесетте војници од Севастија кои маченички загинале за христовата вера. Младенци ги слават сопружниците во првата година од бракот, оние кои се венчале после 22 март претходната година. На тој ден младенците во својот дом примаат гости, кои им носат подароци, а младите домаќинки ги покажуваат своите умешности и знаење.

Младенци се посветени на спомените на страдањето на Светите четириесет војници кои за време на цар Ликиниј преминале во христијанството и покрај исклучителната забрана на царот.

Сите овие беа војници во римската војска, но цврсто веруваа во Господ Исус Христос. Кога настана гонење, во времето на Ликиниј, ги изведоа на суд пред војводата, а тој им се закани дека ќе им ја одземе војничката чест. На ова еден од нив, свети Кандид, одговори: „Не само војничката чест туку и телата земи ни ги; нам не ни е ништо помило и почесно од нашиот Бог Христос“. По ова војводата им нареди на слугите да ги каменуваат овие светии. Но кога слугите фрлаа по нив камења, камењата се враќаа сами и паѓаа врз тие што ги фрлаа, па луто ги изудираа. Еден камен му падна на војводата в лице и му ги скрши забите. Мачителите, лути како ѕверови, ги врзаа светиите и ги фрлија во тамошното езеро и поставија наоколу стражари за ниеден да не излезе од водата. Имаше силен мраз, езерото мрзнеше околу телата на мачениците. За да бидат маките посилни, мачителите загрејаа и осветлија бања покрај езерото близу до страдалците, за тие гледајќи ја некако да се подлажат и да се одречат од Христа и да ги признаат римските идоли. И навистина, еден се опрелести, излезе од водата и влезе во топлата бања. Но, ноќта падна една необична светлина од небото, па ја загреа водата во езерото и телата на мачениците, а со оваа светлина од небото се спуштија триесет и девет венци врз нивните глави. Ова го виде еден од стражарите на брегот, па се соблече, го исповедаше името на Господ Иисус Христос и влезе во езерото за и самиот да се удостои со четириесеттиот венец на предавникот. Врз него навистина слезе тој последен венец. Утредента сиот град се изненади кога ги виде мачениците живи. Тогаш злобните судии наредија и ги претепаа, а телата им ги фрлија во водата за да не ги земат христијаните. На третиот ден светите маченици му се јавија на тамошниот епископ Петар и го повикаа да ги собере од водата и да ги извади нивните мошти. Епископот излезе ноќе по темнина заедно со својот клир и по водата видоа како светат моштите на мачениците. И секоја коска што беше одвоена од нивните тела исплива на површината и светеше како свеќа. Ги погребаа чесно. Нивните души отидоа кај Господ Исус, намачен за сите нас и воскреснат со слава. Чесно пострадаа и стекнаа непропадлива слава во 320 година.

Претходна вестВојводата Дејан Димитров – Карпата обезбедил 270 пушки за Илинденското востание, животот го даде за Македонија, народот му испеа песна…
Следна вестВремето денес: Претпладне облачно со услови за слаб дожд, попладне сончево