Војводата Дејан Димитров – Карпата обезбедил 270 пушки за Илинденското востание, животот го даде за Македонија, народот му испеа песна…

Цела Деб’рца зажали, старо и младо заплачи, дека ми Дејан загина, млад Дејан, силен војвода… Ваква песна му испеал народот на Дејан Димитров – Карпата, македонски  револуционер, член на Македонската револуционерна организација и охридски војвода роден на денешен ден пред 151 година, на 22 март 1873 година во охридското село Лактиње.

Овој македонски херој е познат и под името Дејан Војвода. Тој одел многу успешни борби со османлиската војска и башибозукот во охридско, учествувал во подготовките за Илинденското востание за чии потреби набавувал оружје, а бил дел и од Смилевскиот конгрес.

Како дете работел како каменорезец и сам учел да чита и пишува, по што почнал да чита книги со револуционерна содржина. Исполнет со бунтовнички дух, на 28 години станал член на Македонската револуционерна организација, неколку месеци подоцна, на 6 јули 1901 година, станал комита во новоформираната чета на војводата Тале Горанов. Една година подоцна бил назначен за подвојвода на познатиот војвода Никола Русински и делувале во охридска Дебарца.

Во 1902 година бил назначен за војвода на чета, по што водел успешни борби со османлиската војска и башибозукот во охридско. Четата на Димитров го ликвидирала крволочниот сејмен Ризо, како и серија предавници од охридско. Во средината на март 1903 година, во екот на подготовките за претстојното Илинденско востание, тој и четата биле опколени од турскиот аскер, но успеале да го пробијат обрачот. До почетокот на Илинденското востание тој успеал да обезбеди дури 270 пушки, а учествувал и во низа востанички борби.

Од средината на јуни до крајот на 1905 година, Карпата заедно со четата дејствувал во велешко, а потоа во охридско, каде бил помошник на уште еден голем војвода – Петар Чаулев од 1906 до јули 1908 година.

По Младотурската револуција во јули 1908 година, кога Младотурците овозможиле политичка слобода (Хуриет), Димитров делувал во родното село. Меѓутоа, овој период траел кратко време и иако функционирал парламентот демократијата не постоела. Младотурците набрзо воведувеле рестриктивни мерки и закони против вооружените чети против политичките партии и организации формирани на етничка и верска основа од октомври 1909 година, и работничките штрајкови.

Во пресрет на Првата балканска војна Дејан Мицков Димитров – Карпата, на препад бил уапсен и спроведен во затворот во село Песочани и страшно измачуван од турскиот аскер, а потоа, заради заплашување на населението, со алка на вилицата, како мечка бил воден по селата каде што војводувал. Според раскажувањето на старите илинденци, тоа што го преживеал големиот охридски војвода за време на измачувањето, не можеле да го издржат ни најсилните мажи.

Најпосле, на 10 септември 1912 година, Дејан Димитров – Карпата го извеле кај месноста Опчелин во атарот на село Песочани, Охридско, го врзале со јаже за половината и го спуштале во вода се додека не се онесвестил. На крај го врзале за стожерот на лисник, го полиле со газја и жив го запалиле. Народот тоа не можел да го заборави и неговото име го овековечи онака како е достоинствено за хероите, со песна испеана од народот – „Ми слезе Дејан војвода“.

Претходна вестВанковска до Османи: Нека им е на здравје вечерата на тие што ќе ја прифатат, јас не припаѓам во тоа друштво
Следна вестДенеска се слават Младенци, празникот на љубовта и младоста