Koлумна на Габриела Арсова:
Размислувајќи за моментот во кој живееме, од една страна пост изборен, од друга страна пред изборен или не, секако декориран со сите придружни можни и неможни сценарија, се сетив на едно мое размислување, искажано во писмена форма со одредена намера и намена. Ми се стори како соодветно на моментов. За жал. Прочепкав по архивата, читам и си потврдувам. Да, ни чекор не сме мрднале во меѓувреме. Сакам да споделам со вас. Тогаш прашував дали општиот политичкиот амбиентот во Македонија дозволува нова или подобро речено нормална политичка филозофија која сe базира на позитивност, на меѓусебно почитување, на меѓупартиски дијалог, регионална соработка, на градење на сегашноста?! Се наидува на сосема спротивни мислења во општеството.
Оние со кои сакаме да бидеме заедно, велат дека тоа е нужност. Во едно од своите последни интервју додека беше ЕУ амбасадорот во Македонија, Ерван Фуере, меѓу другото ја искажа поентата: Да бев македонски државјанин, ќе се чувствував фрустриран ако секој ден на ТВ ги гледам политичките партии како цело време се навредуваат.
А како размислува општеството? Е па, вака. Да, супер, убаво би било да се промени нешто, ни здодеа од пресови, препукувања кои не водат никаде, а се на наша сметка и врз нашиот грб…и меѓуваријанти до одговорот не, нема шанси, таквиот пристап е гаранција за неуспех, медиумите се гладни за крв, народот исто, мора да се напаѓа, да се наоѓаат теми… што е доминантната крајност, а резултатите од таквата активност се поразувачки:
Прво, постои приклештеност некаде во меѓупросторот во борбата за минатото и мечтаењето за иднината, при што не се гледа шанса во сегашноста, туку точно спротивното.
Второ, постојат партиски, всушност коалициски, се разбира и етнички ровови кои се бариери за нормално живеење. Внатре во нив доволно често, а надвор од нив задолжително, секој секому е непријател и пречка и како да се нема сила да се погледне и да се препознаат заблудите од реалноста.
Трето, постојат заблуди дека за сé нешто сé некој друг ни е виновен, да не речам, некој друг е одговорен наместо нас/нив. Заблудите се присутни насекаде независно дали станува збор за меѓупартиски, етнички или лични односи. Заблудите се задолжителни кога станува збор за односите со соседните држави, а се разбира предрасудите се тука и во однос на меѓународната јавност.
Ова го размислував пред десетина години, за жал, актуелно е и денес, Ништо не се сменило. Ете тоа сме ние. Блокирани, зачмаени во сопственото величие, несвесни изгледа дека тапкаме во место. А така тапкајки се повеќе и потонуваме?! Ќе се промени ли нешто некако?! Ќе биде ли ова актуелно четиво и после деценија?! Вреди да се размисли, нели?