Најмалку пет луѓе, меѓу кои и едно четиригодишно дете, загинаа, а многу се повредени во САД откако десетици торнада ги погодија јужните американски сојузни држави викендов. Најлошо помина во Оклахома, каде четворица загинаа, додека еден човек загина во невремето во Ајова, јави Би-Би-Си.
Властите на Оклахома исто така известуваат за најмалку 100 повредени низ целата држава.
Националната метеоролошка служба издаде предупредување за силен ветер, силен дожд и град за повеќе од 47 милиони луѓе од Источен Тексас до Илиноис и Висконсин.
Низ централниот дел на земјава утре ќе продолжи нестабилното време, соопшти метеоролошката служба.
Гувернерот на Оклахома, Кевин Стит, прогласи „вонредна состојба“ во неговата држава, со што се достапни средства за спасувачките операции. Во видео порака на социјалните мрежи, Стит објави дека планира да ги посети местата опустошени од невремето и се моли за погодените.
NWS објави дека 38 можни торнада допреле во областа и дека најлошото невреме ја опустоши централната Оклахома во саботата и рано синоќа, раширувајќи се во северозападниот дел на Тексас, западниот дел на Мисури и Канзас.
Catastrophic damage in Sulphur, Oklahoma, after an overnight tornado. #OKwx pic.twitter.com/Pq8LmRUSCC
— AccuWeather (@accuweather) April 28, 2024