На 13ти декември во недела, преку платформата Zoom ќе биде прикажана драмската претстава „Децата од првата клупа“ чија главна тематика е меѓуврсничкото насилство кај средношколците. Целта на претставата е да се подигне свеста за тоа колку е важно да се препознае насилството кај младите, но и преку актерската игра да се прикажат последиците од него.
Откако ќе заврши претставата гледачите, повторно онлајн, ќе можат да се вклучат во дискусија за меѓуврсничкото насилство кај средношколците, Инаку претставата е подготвена од Булфрогс Продукција и Здружението за уметнички и едукативни вредности – ДрамАрт, поддржан од Град Скопје.
– Бидејќи секој од нас е сведок дека насилното однесување зема се поголем замав, ваквите видови на проекти можат само да придонесат позитивен раст во однос на намалување на врсничкото насилно однесување. Кога го споменуваме насилното однесување мислиме на прекршување на правата на децата или младите или загрозување на нивниот живот. Начини на кои можат да се прекршат нивите права се многубројни, без разлика дали станува збор за навреда, удирање, дискриминација, отфрлање или било која активност што предизвикува вознемиреност, срам, или страв може да се смета за насилство. Прекршувањата на правата на децата и младите не се случува само во рамките на семејството. Тие се случуваат на улиците меѓу врсниците, а во последно време најмногу во училиштата, велат креаторите на проектот.