Детски камп за класична музика првпат во Битола

Oд 12 до 16 јуни, во Битола, во организација на Здружението „Пијано“ се одржува детски камп за класична музика. Проектот „Kids Classical Music Camp“ првпат се одржува и покрај организаторот Здружението „Пијано“ од Битола, партнери во проектот се Здружението „Gradus Ad Parnassum“ од Сремска Митровица, Србија и музичкото училиште „Tefta Тashko – Koco“ од Корча, Р. Албанија.

Целната група во проектот се децата, кои се музички амбасадори како и класичната музика, велат организаторите.

– На овој петти повик од „Western Balkan Fund“ и втор повик којшто е поддржан од Европската Унија, од вкупно 347 апликации, избрани се 36 проекти, по шест од секоја земја членка на Западен Балкан, меѓу кои и проектот „Kids Classical Music Camp“ на здружението „Пијано“. Освен културна размена и споделување на искуства, во овој проект е предвидено и споделување на знаења, па така во текот на проектот ќе бидат реализирани 4 работилници и тоа 2 од страна на земјата домаќин – Македонија, една од гостите од Србија и една од гостите од Албанија.

Среќни сме што европските организации ја препознаа нашата идеја, којашто ќе се потрудиме да ја реализираме најдобро што можеме и со тоа да ја направиме нашата земја и нашиот град уште побогат со културни настани и случувања. Првиот ден во Државното музичко училиште во Битола беше во претставување на учесниците и самиот проект. Во истиот покрај едукативните работилници ги посетивме Битолскиот Завод и музеј, Хераклеја, Охрид, Пелистер, со што проектот придонесува и кон туристичка промоција на нашата земја. Во Офицерскиот дом ќе се одржи концерт на учесниците во овој проект, кој како круна на деновите поминати заедно во меѓународна културна симбиоза, ќе блесне и ќе го заокружи настанот. Самиот проект конципиран е врз идејата за што поголема мобилност и размена на култури помеѓу земјите од Западен Балкан-велат организаторите на настанот Марија Шамоска Буџаковски и Јана Четелева Белевска од Здружението „Пијано“ од Битола.

Здружението на пијанисти и музички педагози „Пијано“ е формирано 2018 година во Битола од професионални педагози по пијано како и од група ентузијасти и љубители на класичната музика.

Целта на здружението е да се подигне нивото на музичка култура, културата на слушање на класична музика во Битола, како и да се имплементира еден нов начин на едукација на младите таленти коишто во иднина треба да ја продолжат музичката традиција, преку интернационални проекти, семинари, работилници, мастеркласи и сл.

Претходна вестМу дошле пред куќа и се карале, извадил пиштол, едниот го убил, другиот тешко ранил, убиство во велешко
Следна вестМаж со комбе газел луѓе во британски град, градот блокиран од полицијата