Има десетини такви моторџии кои на градски булевари возат бучни машини, ги креваат на едно тркало, возат пребрзо…, вели моторџијата Дарко
Со Дарко Гиговски, член на скопскиот мото-клуб „No limit“ зборуваме за проблемите со и на моторџиите во Скопје, за се поголем број на сообраќајни несреќи во кои тие учествуваат, за непридржувањето да сообраќајните правила и прописи…
Неодамна имавте средба во МВР околу проблемите во сообраќајот во кои се инволвирани моторџии. Какви се статистичките податоци?
-На средбата ни беа претставени и загрижувачки податоци за сообраќајките во кои учествуваат мотори. Лани, на пример, во 2020 година во рамките на вкупните сообраќајни несреќи во земјава, една петина, односно, 20 проценти се несреќи во кои учесници биле и моторџии. Има и повеќе со смртни последици. Колку е тоа многу се гледа и од фактот што во Македонија, секоја година во просек се случувале по 4.000 до 5.000 сообраќајни несреќи во која имало загинати, потешко или полесно повредени лица. Тука не се вброени оние само со материјална штета. А последниве години, животот го губеле во просек 150 лица, а потешко и полесно биле повредени и повеќе од 6.000 лица.
Значи, учеството на моторџиите е загрижувачко. На тоа сигурно влијае фактот што во градот и земјава има се повеќе корисници на мотори, посебно оние од помала кубикажа, до 50 кубици (мопеди, веспи…). Луѓето и неискусни почнуваат да возат мотори, тоа созадава ризик. Бројни се несреќите во кои учествуваат лесни мотори, често тоа се возачи во „delivery“ служби кои разнесуваат храна и слично. Доволно е мало невнимание и непочитување на правилата па да настрада моторџија.
Каква е состојбата по скопските сообраќајници од аспект на она што го прават моторџиите?
-Загрижувачка. Едно е што имате се повеќе неискусни возачи. За да возите веспа или мопед до 49 кубици не ни треба полагање. Доволно е да имате положен возачки испит „Б“ – категорија и во авто-школа ќе ви издадат потврда со која ќе можете да возите. За потешки мотори потребна е обука. Но, и кај таа категорија имате проблеми. Има десетини такви моторџии, ние ги нарекуваме „дифтари“, кои на градски булевари возат бучни машини, ги креваат на едно тркало, возат пребрзо… Се организираат и трки по Обиколницата, на автопатот кон аеродромот, по некои булевари во градот, не се почитуваат правилата. Возачите на автомобилите, пак, не внимаваат на моторите, таксистите ни го попречуваат патот нагло, други возила не не забележуваат па не удираат ненадејно. Сега доаѓа пролет, пак ќе стане опасно по скопските улици бидејќи ќе се појават многу мотори. Сигурноста е на многу ниско ниво.
Какви се законските измени кои се донесени, а кои се однесуваат на моторџиите?
– Има промени. Законските измени кој се донесени а се однесуваат на моторџиите ќе бидат доста ригорозни за тие кој непочитуваат закон. Полицијата ќе има за право да го одземе моторот и до 90 дена плус глоба во зависност од прекршокот кој ќе биде направен. Најмногу ќе се прави контрола на моторите дали се регистрирани за неносење кацига или дали имаат додатно ставен издув или ауспух за да има поголема бучава од дозволеното. Секој мотор има фабричка плочка на моторот кај што пишува колку смее да има бучава на одреден обртај на моторот. Тоа се ќе се прави во станиците за технички преглед каде што ќе се утврди исправноста на возилото. Полицијата ќе има и мобилни фонометри кои ќе ја мерат силината на звукот кој ја произведува моторот. Ако не над дозволената, ќе може и да се одземе моторот.
Овие мерки ќе бидат доволни за правење некаков ред, ако се спроведуваат доследно. Да им дадеме шанса па потоа ќе се види дали треба и нешто дополнително како мерка.
Како да се дојде до ред, како да се намалат сообраќајни несреќи, моторџиите да не бидат извор на нарушување на сообраќајните прописи?
-Одговорот е содржан во повеќе работи. Основно е моторџиите да се придржуваат до сообраќајните правила и прописи. Полицијата од своја страна на оние кои ги прекршуваат мора да им стави до знаење дека е тука и дека веднаш ќе ги санкционира. Мора да се размисли и за тоа дали да се воведе некоја обука за возачите на лесните мотори. Не може тукутака веднаш, со „Б“ – дозвола да им се даде право да возат мотори по улици. Прописите и правилата треба да ги следат проблемите на улиците.