Димитар Хаџи Мишев: Ако немa гас некои фирми ќе треба да се вратат на мазут, а тоа бара време и прекин на производството

Македонското стопанство нема да има големи последици од прекинот на испораката на рускиот гас благодарение на тоа што е мал потрошувач на овој енергенс. Но, ако прекинот потрае, проблем ќе произлезе за оние производствени капацитети кои од мазут се преорјентирале на гас, смета енергетски експерт Димитар Хаџимишев, поранешен директор на скопска „Топлификација“.

Дали прекинот на испорака на рускиот гас за Бугарија ќе значи и автоматски прекин на доток на гас за Македонија?

-Да, ќе значи. Во наша земја гасот влегува на единствено место кај Ќустендил во Бугарија и тоа е единствена врска за дотурот на гасот. Во ситуација кога руската страна ќе и ја прекине испораката на гасот на Бугарија тоа ќе значи дека гасот ќе престане да тече и за Македонија. Техниолошки гледано, физички е можно гасот кој го набавува Македонија да тече низ гасоводните цевки низ Бугарија од влезот кај Црно Море па до Ќустендил, но со оглед на тоа колку мало количество ние трошиме, прашање е како тоа би се спроведувало, како би се контрирало. Тоа се гасоводни цевки со голем обем и прашање е како би одел транспорт на така мали количества.

Колкав, всушност, е потрошувач на гасот нашата земја? Колку прекинот на испораката ќе не погоди?

-Ние не сме земја која е голем потрошувач на гас. Македонија е најмал потрошувач во историјата на трговијата со гас. Доколку се изземат количествата на гас кои што ги троши централата Те-То, тогаш нашите капацитети трошат годишно само околу 50-тина милиони кубни метри гас. А само Те-То троши пет пати повеќе од тоа годишно. Од тие 50-тина милиони кубни метри гас, нешто помалку од половина, односно, околу 20 милиони кубни метри гас трошат фирмите во поранешната Скопска железара, а остатокот го трошат БЕГ и други индустриски капацитети. Значи, „благодарение“ на тоа што не сме голем потрошувач на гасот не очекувам потешки последици по стопанството. Во прилог на ова оди и фактот што грејната сезона веќе заврши. Проблем може да имаат фирмите кои досега ги преориентирале своите постројки на гас. Ако немаат гас, тие ќе треба да се вратат на мазут, а тоа бара време и прекин во производството. Но, прашање е и како ќе се набавува мазут оти превозиниците досега ги преориентирале камионите за превоз од мазут на гас и сега нема многу такви камиони…

Од друга страна, нашата држава фрла големи пари за изградба на гасоводни цевководи по внатрешноста на земјата, а тој гас нема кој да го користи по градовите.

РУСКАТА СТРАНА И ТЕ-ТО

 Излегува дека, со оглед на големината на потрошувачката, најголем проблем може да има централата Те-То?

-Тука случајот е посебен. Познато е дека оваа централа е доминатно руска сопственост и сега е прашање како руската страна ќе се постави кон неа, односно, кон фирмите кои се руски. Дали гасот ќе секне за централата која сега продава произведена електрична струја по висока цена и оставрува големи приходи или ќе и се дозволида добива гас за производство. Мислам дека руската страна во следниот период ќе го жртвува Те-то и ќе ги остави без гас.

Претходна вестМакпетрол: Снабдувањето со природен гас се одвива без никаков застој
Следна вестГрад Скопје распиша јавен повик за бесплатна обука за оџачари