Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) на денешната 99-та седница ја презентираше анализата на одлуките при носењето и склучувањето на договорот за градба на коридорите 8 и 10Д со „Бехтел и Енка“ и донесе одлука таа да се достави до Основното јавно обвинителство за нивно понатамошно постапување.
Членот на ДКСК Катица Николовска, посочи дека од доказите кои што ги обезбедиле во текот на постапување, на некој начин ги натерало да направат анализа за состојбите и постапувањата на државните органи при носењето одлуки, при носењето на законот и склучувањето на договорот за градба на коридорите 8 и 10Д со „Бехтел и Енка“.
– Меморандумот е потпишан, но јавно не е објавен досега. Потоа група пратеници поднесува предлог закон и по 15 дена се носи во Собранието. Тој се применува како „лекс специјалис“ и исклучува примена на други закони. Ваквото постапување на Владата упатува на усогласено постапување и низа активности со цел обезбедување незаконски поволности. Активностите на владини претставници согласно нивните наводи за склучување на договорот, може да се оценат како спротивни на законот за лобирање, изјави Николовска.
Ако се земе во предвид дека договорот за градење на 109 километри автопат во вредност од 1,3 милијарди е со ознака доверливо, Николовска посочи дека тоа отвора сомнеж за потенцијална корупција.
– Договорот што го баравме од Владата со „Бехтел и Енка“ по голем број преписки го добивме, но не целосно. Без голем број анекси. Од таа причина не навлеговме во оценка на договорот во целост, изјави Николовска.
Постојат, нагласи Николовска, индиции за несоодветно и незаконско постапување на одредени лица.
– Во делот на носење на законот немаме што многу да интервенираме. Мојот предлог е да ја усвоиме анализата од постапувањата на државните органи при склучувањето на договорот. Анализата да се достави до ОЈО за нивно понатамошно постапување. Знаеме дека постапуваат, пробавме, но не можевме да стапиме во контакт со нив. Анализата заедно со одлуката да биде објавена на нашата веб страна, појасни Николовска.
Анализата на ДКСК, како што беше посочено по нејзиното презентирање, покажува дека постојат ризици од корупција, но дека засега нема ништо конкретно и дека надлежните институции треба да продолжат да го следат.