До вчера повикуваа на обединување, а сега прават вештачки поделби Запад – Исток

Да бидеме обединети, единствени, да одиме заедно кон целта… Многу вакви пораки во изминативе години упатуваа највисоки македонски државни функционери. Најчесто за државни празници, шефот на државата Стево Пендаровски и премиерот Димитар Ковачевски јавно порачуваа деке е потребно заедништво а не кавги и продлабочување на внатрешните судири во македонското општество.

Но, дали потоа работеа на остварување на заедништвото?

И Ковачевски и Пендаровски не се потрудија посериозно да се поработи на тоа што го порачуваат. Не се обидоа да воспостават мост кон оние кои политички мислат поинаку, да најдат место и во своето делување и ставови да најдат место за оние кои имаат поинакви видувања за состојбите и иднината на државата.

А разликите не се мали што најдобро се виде на референдумот за Преспанскиот договор, по анкетите меѓу граѓаните за Договорот со Бугарија… Ама власта тераше по свое и поделбите само се продблабочуваа.

Македонија сега ја чекаат избори во текот на кои политичарите пак ќе упатуваат пораки. Би требало пак да се споменува и заедништвото.

Премиерот Ковачевски вчера упати своја порака од која веќе сега може да се заклучи каква кампања ќе води тој и неговата партија.

Овие избори нема да бидат избори помеѓу левица и десница, овие избори ќе бидат помеѓу Запад и Исток. 2024 година такви ќе бидат изборите… Кај нас сега ќе бидат избори на кои ќе се соочат политички партии што се за западна ориентација на државата и политички партии што се за јасна источна ориентација на државата, порача Ковачевски.

Не е ова нов поттик да се прави поделби каде што ги нема?

Пораката на Ковачевски се чини е недвосмислена: македонското општество е поделено на оние кои се за Запад и кои се за Исток.

А дали е така?

Анкетите покажуваат дека мнозинството од граѓаните во Македонија сакаат зачленување во ЕУ. Разлики колку што може да се види има само околу тоа, дали да се стане член на Унијата клечејќи и прифакајки секакви ултиматуми или да се отвори вратата на Брисел со повеќе достоинство и по правила како за сите други земји членки. Разликата е и во тоа – дали до ЕУ ќе се дојде само кажувајки дека се сака Западот или пак со правење на реформи и борба против корупцијата која ја разјаде Македонија.

И сега, кој од овие два приода е за Запад, а кој за Исток?

Всушност, најдобро е оваа наметната тема од власта да се стави на страна. Партиите да вадат програми и да не го делат народот таму каде нема место за тоа!

Претходна вестСевда се роди со 750 грама, Алиња со 1.100, а Мира со 1.330 грама – три предвремено родени бебиња на ГАК сега заминаа дома
Следна вестВладин извештај за состојбата на патиштата: Работиме, почекајте!