Севда се роди со 750 грама, Алиња со 1.100, а Мира со 1.330 грама – три предвремено родени бебиња на ГАК сега заминаа дома

Три предвремено родени бебиња по повеќе од 40 дена помината на Клиника за гинекологија и акушерство заминаа дома како здрави бебиња, објави денеска оваа здравствена установа.

Во објавата на Фејсбук-профилот на ГАК се наведува дека Мира Мустафа е родена во 29 гестациска недела со тежина од 1330 грама, и дека дома во прегратките на мама и на тато е испратена по 43 дена со тежина од 1870 грама.

-Алиња Алили, родена во 27 гестациска недела со тежина од само 1100 грама, замина од Одделението за интензива нега и терапија по 53 дена со тежина од 1900 грама. Најдолго не дружеше нашата Севда Мустафовска која е родена во 25-та гестациска недела со тежина од само 750 грама.  Таа се бореше заедно со тимот медицински сестри, акушерки и лекари цели 96 дена и достигна 1810 грама за да може да замине како здраво бебе кај своето семејство, потенцираат од ГАК.

Клиниката за гинекологија и акушерство и тимот од интензивна нега и терапија им посака среќно и спокојно детство, а на семејствата насмевката никогаш да не им се симне од лицата.

 

Претходна вестСтејт департмент: Косово да ја преиспита одлуката за укинување на динарот
Следна вестДо вчера повикуваа на обединување, а сега прават вештачки поделби Запад – Исток