ССМ бара одговорност од Врховниот суд ако е точно дека донел одлука за одземање на Работничкиот дом

Oставка од претседателката на Врховниот суд и од судиите во Советот кои одлучувале ќе побара Сојузот на синдидкатите на Македонија доколку се потврдат неофицијалните информации дека Работничкиот дом е одземен од ССМ. Ова на денешната конференција за печат го најави претседателот на ССМ Слободан Трендафилов кој рече дека според неофицијалните информации што ги има ССМ, Врховниот суд донел пресуда со која се одзема зградата Работнички дом во Скопје, која од почетокот на нејзината изградба во 1958 година е во сопственост на Сојузот на синдикати на Македонија.

-Добивме неофицијални информации за кои ние сè уште не сакаме да веруваме дека се такви, дека Врховниот суд донел некаква си пресуда со која се одзема Работничкиот дом, домот кој е граден од средства на работниците во 1958 година. Врз основа на целокупната документација со која располагаме, инвестирани се 430 милиони динари тогашни или повеќе од 8 милиони долари во денешна противвредност. Имот што е граден од членарина, пред сè, од пари на работниците, од платата на работниците. Врховниот суд, имајќи предвид дека е највисоката судска инстанца во државата, одлуката не може да се оспори во домашното право и законодавство, туку надвор. Донел некаква пресуда, која ги поништува сите постапки почнати од 1992 година од тогашните влади, функционери, правобранители, кои се во име на ССМ, врз основа на целокупните аргументи, повеќе од 15 судски пресуди, шест само во последниот случај од 2005 до денеска, повеќе од 15 решенија на управни институции, управни органи, преиначува, поништува и кажува дека поради претпоставка дека синдикатите во тој систем не можеле да располагаат со толкави средства, поради претпоставка дека одлука е повисока од Уставот на државата во тој систем и денеска и поради тоа што денешните судии што претседавале со советот во Врховниот суд, кои тогаш не биле родени или биле во пелени, одлучуваат на каков начин одлучувале тогашните органи на таа држава, од која Македонија била дел, потенцира тој.

Трендафилов рече дека Работничкиот дом го преживеал катастрофалниот земјотрес во 1963 година, а ќе го преживее и потресот од Врховниот суд кој се обидува да го направи на ваков начин.

-Симптоматично е тоа што претседателот на Врховниот суд бил вклучен во постапката од 2005 година додека извршувал функција заменик-јавен правобранител и сакал да го земе имотот на работниците – Работничкиот дом, а денеска кога е претседател на Врховниот суд да се преиначат сите постапки со кои тој бил неуспешен и на таков начин да ја одземе зградата од позиција на моќ, додаде Трендафилов.

Тој потенцира дека е очигледно дека ССМ биле кнедла во грлото на многу функционери и дека се сака да го дисциплинираат синдикалното движење во Македонија и ССМ и на таков начин да го уништат.

-Нападот на ССМ е напад на секој еден работник во државата. Обезглавувањето на ССМ или стапнувањето со чизма на вратот на лидерот на борбата на работниците нема да дозволиме да биде стапнување на функционерска чизма во Работничкиот дом. Нема да дозволиме Работничкиот дом кој постои повеќе од 70 години да стане функционерски или судски дом. Ќе се бориме против сите тие кои сакаат да земат од устата на работниците. Тоа што ние го правиме нема да запреме да го правиме. Не можете да дисциплинирате синдикати, можете само да ги разгневните, додаде претседателот на ССМ.

Претходна вестБислимоски: Во јануарските сметки за струја ќе ја нема ставката „пристап кон мрежа“ од 200 денари
Следна вестПовлечен предлогот на СДСМ Љубомир Јовески да биде избран за судија во Уставен суд