Претседателот на регулаторна комисија Марко Бислимоски, денеска најави дека во сметките за јануари, кои ќе бидат доставени до потрошувачите идниот месец, ќе ја нема ставката „пристап кон мрежа“ во износ од 200 денари, која ја имаше на претходните сметки.
Инаку, во сметките за струја кои граѓаните ги добија за месец декември по грешка е ставен и надоместокот од 200 денари за пристап до мрежа. Оваа давачка, како што најавија од Регулаторната комисија за енергетика, требаше да почне да се плаќа од јануари.
Бислимоски вели дека затоа за месец јануари нема да се плаќа пристап до мрежа.
-Имавме средба со претставници на Електродистрибуција и бидејќи сметките веќе се испечатени и пратени, договоривме овој надоместок да го нема во јануарските. Потоа од февруарските сметки ќе има 200 денари надоместок за пристап до мрежа, кажа Бислимоски.
Во месечната фактура, освен цената на електрична енергија и цената за мрежарината во која што влегува пренос и дистрибуција, ставката за дистрибуција се раздвојува и со потставка пристап до мрежа.