Голем помор на риби се случува во моментот во Тиквешкото езеро, а почнувајќи од утринските часови во текот на вчерашниот ден, на удар е целата наша произведена риба во количина од 120 тони, предупредија денеска производители на крап во кафезен систем на Тиквешко Езеро, „Златен крап“ и „Дошница“.
-Иако настојуваме на секаков начин да интервенираме, вклучително и со додавање на вештачки кислород во водата како би ја спречиле оваа катастрофа, развојот на ситуацијата е се уште неповолен, алармираат производителите.
Тие укажуваат дека катастрофално ниското ниво на акумулацијата во изминатиот период и нејзиното интензивно празнење кое трае и во моментот, го спушти нивото на кислород на алармантни 2 мг/Л. Ова е за повеќе од половина од вообичаено присутниот кислород во нашите води, а кој е потребен за опстојување на рибата.
-И покрај тоа што позицијата на рибниците е точно над поранешното течение на Црна Река, овој помор до моментот се случува само во овој дел. До сега не е забележан помор на рибниците на нашите партнери, пријатели, соработници кои се распоредени на други позиции низ акумулацијата и се надеваме дека ќе остане така, се наведува во обраќањето.
Со случајот се запознати Владата и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство. Уште во текот на вчерашниот ден, направен е увид од Ветеринарен инспектор, земени се мостри од водата од страна на ИЈЗ, а однесени се мостри од водата и примероци од угината риба во Агенцијата за храна и ветеринарство во Скопје на дополнителни анализи и испитувања. Заедно со овие наоди, случајот ќе биде пријавен во МВР.