Доделени наградите на Друштвото на писателите на Македонија, за најдобрите книжевни изданија во 2020. Па така, нагрдата „Стале Попов“ оди за романот „Боксерот од Ново маало“ на Владимир Плавевски, наградата „Ацо Шопов“ за поетска збирка ја зеде Даниела Андоновска-Трајковска за нејзината „Математичка поезија“. За критичко-есеистичката книга „Лирската биографија на Конески“ признанието „Димитар Митрев“ оди во рацете на Атанас Вангелов. Највисокото признание за книгата за деца „Ванчо Николески“ пак, годинава е наменета за Билјана С. Црвенковска за книгата „Приказни за добра ноќ на мама Ана“, додека наградата „Мост“ ја добива Адем Абдулаху за поетската збирка „Недопеани песни“.
Комисиите работеа во состав: Игор Станојоски (претседател), Петре Димовски и Трајче Кацаров (за проза); Борче Панов (претседател), Љубинка Донева и Снежана Стојчевска (за поезија); Глигор Стојковски (претседател), Кристина Николовска и Елизабета Бандиловска (за критика и есеистика); Весна Мојсова-Чепишевска (претседател), Мишел Павловски и Игор Крајчев (за литература за деца) и Христо Петрески (претседател), Делвина Керлуку и Лејла Шериф Емин (за книга-мост меѓу националностите).
-Ова празнување, како и низа поетски читања и настани во текот на годината, што ќе се организираат во живо или онлајн во согласност со пандемиската ситуација, ќе бидат пронижани со чествувањето на книжевниот великан и прв претседател на ДПМ – Блаже Конески и одбележувањето на 100-годишнината од неговото раѓање, стои во соопштението на ДПМ.