Домаќинствата се повеќе штедат, за една година депозитите во банките се зголемиле за 10,4 проценти

Пораст од 10,4 проценти забележале депозитите на македонските домаќинства во банките и штедилниците во периодот од април 2023 – април 2024 година, покажуваат податоците на Народната банка. Според Извештајот, во април во однос на март депозитите на домаќинствата во банките и во штедилниците се зголемиле за 2,7 проценти.

Според Извештајот на Народната банка, годишниот раст на депозитите кај домаќинствата во поголем дел произлегува од повисоките депозитни пари и долгорочните депозити, во услови на забележан пад на краткорочните депозити.

Кон ова придонесе и растот на каматите во банките. Така, каматните стапки на депозитите на домаќинствата во март (последни податоци од Народната банка) биле 1,76 отсто, а во март 2023 година изнесувале 1,04 проценти. Уште повисоки се каматите на новопримени депозити на домаќинствата – во март 2024 година изнесувале 2,42 проценти, а ланскиот март 2,27 процент.

Вкупните депозити изнесуваат 538,272 милиони денари, односно 8,74 милијарди евра, од кои од граѓаните се доверени 364,385 милиони денари (5,91 милијарда евра), а од компаниите 148,738 милиони денари (2,41 милијарда евра).

Депозитите на компаниите, пак, во април имале надолна линија во однос на март и поскромен раст на годишно ниво отколку оние на домаќинствата.

Од друга страна, и кредитната активност била насочена повеќе кон домаќинствата отколку кон населението. Во април, кредитите во корпоративниот сектор биле 3,55 милијарди евра, а во домаќинствата 3,79 милијарди евра. Во март каматната стапка за вкупните кредити за домаќинства е 5,65 проценти, додека пред една година била 5,34 проценти. За новоодобрените кредити, пак, домаќинствата во просек, како што пресмета Народната банка, во март плаќале 5,4 проценти камата, а пред една година била 5,23 проценти.

Претходна вестШпански медиуми тврдат: Столе Димитриевски потпишал четиригодишен договор со Валенсија
Следна вестУапсени четири лица во Кривогаштани, ја искршиле кафаната па го запалиле украденото возило