Шпански медиуми тврдат: Столе Димитриевски потпишал четиригодишен договор со Валенсија

Македонскиот репрезентативен голман Столе Димитриевски го напушта Рајо Валјекано и веќе потпиша четиригодишен договор со шпанскиот прволигаш Валенсија. Вакви тврдења се појавија во повеќе шпански медиуми. Како што информира добро упатениот шпански новинар за случувањата во Валенсија, Начо Санчис, клубот од „Месталја“ потпишал четиригодишен договор со најдобриот македонски голман, без разлика на тоа што ќе се случи со Џорџи Мамардашвили до крајот на месец јуни.

Првичната најава беше дека Валенсија ќе го продаде Мамардашвили и ќе го донесе Столе како негова замена, но планот се изменил откако станало јасно дека со одлагање на операцијата, „лилјаците“ ризикуваат да го загубат македонскиот репрезентативец.

Угледниот „Релево“ (медиум за кој пишува Санчис) ова попладне ексклузивно информира дека договорот на Димитриевски е составен од два члена, според кој Столе има две фиксни години со Валенсија до 2026-та година, со опција договорот да биде продолжен до 2028-ма.

Шпанците во изминатиот период на големо пишуваа и дека Димитриевски има на маса важна понуда од Саудиска Арабија.

Претходна вестКичевец загина откако со „Туран“ излетал од патот Кичево-Стража
Следна вестДомаќинствата се повеќе штедат, за една година депозитите во банките се зголемиле за 10,4 проценти