Вирусот кракен, иако е позаразен, не предизвикува потешки симптоми, став е на епидемиологот д-р Драган Даниловски. Тој смета дека појавата на новите соеви е очекувана но и дека со пандемијата на корона вирусот е завршено. Даниловски на својот фејсбук-профил, по вчерашната информација дека во Гевгелија е изолирана подваријантата на омикрон „кракен“, напиша дека во јавноста кружат и невистините информации.
-Останав запрепасен по информациите на некои портали дека на сите заразени лица од овој сој на крајот им е потребна хоспитализација. Тоа е лага. Вистината е дека САМО кај стари лица со хронични болести, односно ослабен имунитет, постои ризик да завршат во болница. Исто како кај досегашните соеви на омикрон. А не кај „скоро сите заразени лица“, како што стои во написот, објансува Даниловски.
Тој додава дека уште пред десетина дена соопштил дека „кракен“, иако е позаразен, не предизвикува потешки симптоми и дека короната е вирус кој постојано мутира и ќе се јавуваат нови соеви во обид да опстане.
-Но, наспроти тоа, со пандемијата е завршено. Короната ќе остане во истото „друштво“ со причинителите на настинките и грипот. Еволуцијата на короната неизбежно ќе се движи во насока на јавување на соеви, кои се позаразни од претходните, но кои истовремено ќе предизвикуваат поблаги симптоми. Сведоци сме дека тоа се остварува. Апелирам до граѓаните да си останат спокојни, да си продолжат без страв со секојдневниот живот и да не веруваат на несериозни портали, наведува Даниловски.
На лицата кај кои ќе пројават симптоми (кашлање, кивање, растечен нос), да се придржуваат до т.н. респираторен бонтон. Тоа подразбира да си стават маска кога се движат меѓу луѓе во затворен простор (особено во автобуси), а ако имаат покачена температура, да си останат дома.
-Исто така, мудро би било, постарите граѓани со хронични болести и други со компромитиран имунитет да одлучат да се вакцинираат и против корона и против грип. Зашто, во ек е сезоната и на грипот, наведува епидемиологот Даниловски.