Со нерешен резултат 29 : 29 синоќа во Солун заврши првиот пријателски меч меѓу ракометните репрезентации на Македонија и Грција. Во драматична завршница нашата селекција избегна пораз со погодокот на Ненад Костески постигнат во последните секунди од натпреварот. Македонија целосно доминираше во првиот дел, а потоа домаќините успеаја да го свртат резултатот во своја полза. Сепак, избраниците на Кире Лазаров покажаа карактер во завршните секунди и стигнаа до реми.
Македонија го почна мечот со Никола Митревски на голот, Пешевски на пивот, Талески, Џонов и Велковски на бековските позиции и Кузманоски и Ненад Костески како крила. Македонија по пет минути игра имаше предност од 0-3. Предноста ја задржавме откако Џонов погоди за 2-5, но Грците во наредните две минути заиграа подобро во одбраната и намалија на 4-5. Потоа, Грција успеа да намали на 8-11, а на одмор нашите репрезентативци заминаа со предност од 12-15.
Во вториот дел противникот намали на 15-17, а потоа во 44. минута намалија на еден гол негатива (20-21). На десет минути до крајот, при резултат 23-24 Јагуриновски го доби третото исклучување, па Грција за само една минута постигна два гола и стигна до првото водство на мечот (25-24). Кризата се продлабочи по уште една почетнички загубена топка во нападот, по што Грците постигнаа уште еден гол во празна мрежа и поведоа со 26-24.
Мартин Велковски ја прекина серијата на противникот со важен гол и изнудено исклучување, а истиот ракометар на шест минути до крајот повторно погоди, за израмнување на 26-26. Подоцна, Грција поведе со 28-26, по што Пешевски погоди за 28-27, Грците имаа 29-27, но Кузмановски успеа да намали, а потоа во финишот на три секунди до крајот Ненад Костески биеше прецизно од крило за конечни 29-29.
Денеска се игра и вториот пријателски меч кој е во функција на подготовките на двете репрезентации за Европското првенство вгодина во Германија.