Државјани од странство не треба да се попишуваат во резидентно население

 

Со Благоја Маркоски, универзитетски професор и претседател на Советот за статистика зборуваме за неодамна завршениот попис на населенето и дилемите кои тој ги отвори во јавноста.

Вие сте на чело на Советот за статистика кое е стручно советодавно тело за државната статистика, основано од македонскиот парламент. Дали Советот од блиску го набљудуваше пописот?

– Советот за статистика во рамки на своите ингеренции скоро во целост е запознат со активностите поврзани со реализацијата на Пописот. Ценејќи ја важноста на пописот за целокупниот општествен развој на државата, Советот за статистика низ целиот период на припрема и реализација на пописот има позитивен став кон оваа важна статистичка операција. Во продолжение очекуваме релевантни резултати.

Во јавноста, пред почетокот на пописот, имаше многу забелешки околу методологијата според која ќе се прави пописот: спорно беше давањето на податоци од страна на други лица од домаќинствата, околу тоа како ќе се утврдува дали некое лице престојува во странство до или повеќе од 12 месеци, граѓани реагираа на тоа зошто не можат да се попишуваат како „Македонци“. Дали ова, за Вас беше спорно?

– Сите дилеми кои ги посочувате како Совет за статистика сме ги поставувале и расправале по истите, но само во граници на нашите надлежности, бидејќи ние, како советодавно тело немаме надлежност да го коментираме или менуваме Законот за попис. За претходните пописи, во Законот за попис беше вградена и Методологијата за попис, а за овoј Попис 2021 г. Методологијата е издвоена како посебен документ (објавена во Службен весник на државата), но истата се придржува на одредбите на веќе донесениот Закон за попис 2021 година. Претпоставувам дека од таму доаѓаат забелешките за спорните аспекти. Искрено се надевам дека, ако имало некои прополитички одредби во законот, дека тие во духот на добивање на реални и релевантни податоци ќе бидат соодветно регулирани при обработката на пописните материјали.

По крајот на пописот се соопшти дека се попишани вкупно 1.832.696 лица, за разлика од минатиот попис кога имаше 2.022.547 лица, а дека во дијаспората се самопопишале 204.805 македонски државјани. Но, се укажува на нелогичности. „Левица“ тврди дека останаа непопишани 300.000 граѓани кои имаат државјанства бидејќи бројот на издадени државјанства е околу 2.5 милиони. Има ли, според Вас нелогичности во соопштените бројки?

– Соопштената бројка 1.832.696 лица е број кој е утврден од страна на попишувачите. Таа е само прелиминарна бројка, која низ текот на обработката на пописот (поради разни веројатности на теренот) ќе биде корегирана, можеби во плус, можеби во минус. Нелогичностите кои се потенцираат од некои кругови и секако од голем број обични граѓани (се мисли на граѓани без општествени функции) претпоставувам дека произлегуваат од аспект на некои одредби во законот за попис. Од нив меѓу редови се чита дека, наместо граѓанскиот аспект со економски предзнак се потенцираат некои од неекономските демографски структури (националност, религија, етнос). Тие категории се важни во културолошка смисла, но не и во економска смисла, бидејќи секој човек има примарни потреби во контекст на обезбедување на услови за живеење. Што би се рекло „најважни се трпе и голе“ (трпе е исхраната, а голе е облеката).-Пописот и државјанствата се посебни категории. Со одредбата попис на лица до една година во странство (дефинирана во методологијата), автоматски се покажува дека не секој државјанин на Република Македонија може да влезе во резидентно население. Ние имаме наши државјани кои се некаде во странство повеќе години и децении, тие имаат државјанство, но не треба да влегуваат во резидентно население.

Со големо внимание при обработката на пописните материјали да се намалат политичките влијанија

Очекувате ли дека пописните резултати ќе бидат прифатени од стана на политичките партии кои пред почетокот на пописот поставуваа услови во смисл дека нема да ги признаат резултатите ако „бидат помалку од 20 проценти“, ако „бидат помалку од 7 проценти“?

– Моментот на недостаток на кооперативност при носењето на Законот за попис 2021 година можно е да рефлектира и поинакви гледишта спрема пописните резултати. Тука секако се причина и политичко политикантските изјави на политичари кои однапред прејудицираат некакви проценти (како што напоменувате). Затоа, се појавуваат сомневањата дека попишаните во странство ќе биле вметнати како резидентно население, па така ќе се игра со процентите и наместо статистичкиот предзнак ќе се дава и политички предзнак на операцијата попис. Затоа е важно да се посвети големо внимание при обработката на пописните материјали, за колку толку да се намалат политичките влијанија (мотивирани поради разни идни политички соработки) наспроти потребата од реални пописни податоци.

Претходна вестНадлежните да не зборуваат само за вакцини туку и за подобрено лекување од вирусот
Следна вестСкопски сообраќај: Возат без возачка дозвола, поминуваат на црвено…