Две недели по обелоденувањето на закани кон историчарот Ѓорѓиев, ниту има одговорност ниту пак глас од другите македонски членови на комисијата

Поминаа две недели откако историчарот Ванчо Ѓорѓиев си поднесе оставка од мешовитата историска комисија со Бугарија заради политички притисоци. Некој ден потоа тој образложи дека висок функционер на МНР му се заканил дека лично ќе му се одмазди бидејќи обзнанил за политичкото мешање во комисијата, но и дека истиот функционер во повеќе наврати вршел притисоци врз македонските членови на комисијата за да носат одредени одлуки.

Дел од медиумите веднаш по оставката го објавија името на Методија Белевски, прв човек на Директоратот за билатерални односи со европски држави. Наводно тој бил високиот функционер од МНР кој вршел политички притисоци, а инструкциите ги добивал од повисоките инстанци во МНР. Истите медиуми објавија и дека Белевски бил дел и од делегацијата на последната посета на македонските власти во Софија и е една од врските со тамошните институции, што се потврдува и од официјалните видеа објавени на каналот на Влада пред три и пол месеци .

Интересно е што од МНР на сериозните обвинувања во врска со Белевски и сведоштвото на Ѓорѓиев, само изјавија:

-Министерството на ниту еден начин досега не било дел од научната работа на Комисијата, уште помалку во создавањето содржина во рамките на работата на Комисијат. Загрижува фактот што очигледно работата на Комисијата стана предмет за дневно полички натпревар во изборен контекст, што ги загрозува кревките суштинските придобивки од нивната работа, велат од МНР.

И толку. Од тој момент ниту една институција не изреагира за „оганот“ кој ја распламти работата на комисијата, ниту пак се истражува посериозно за укажаното крајно недозволено мешање на владин функционер во нејзината работа. Можеби е друг заканувачот, може нема заканувач… ама сето ова останува недоразјаснето, нердообјаснето… И сето ова се случува околу комисија која е многу важна за Македонија во моментов.

И на крај останатите македонски членови на комисијата… Зошто се тивки и не реагираат? Како ја бранат науката заради која се членови на таа комисија? Зошто не ги објават до сега донесените заклучоци во Комисијата по што ќе се види имало ли излегување од науката или не? Така ќе се види и имало ли притисоци или не?

Претходна вестУтре сончево и топло до 23 степени
Следна вест„Танец“ и Влатко Стефановски вечерва ги отвараат „Есенските музички свечености“