Македонската влада во услови на предизборие, преку скратена постапка, во парламентарна процедура повторно стави закони кои се исклучително штетни за државата и за македонските граѓани, рече денеска Горан Минчев, генерален секретар на Движењето ЗНАМ.
-Се работи за четири закони за стратешки инвестициски проекти во областа на енергетиката. Оваа Влада, пред да си замине во историјата, сака предложените закони по секоја цена да бидат изгласани во Собранието. Станува збор за проектите Митилинеос когенеративна гасна постројка Скопје и изградба на соларните електрични централи АИМ Греен ТЦХ, Пехчево и Стипион, посочи Минчев.
Тој потенцира дека тоа се профитабилни базични енергетски проекти што ќе се градат со голема државна помош, како и голем број на поволности и поттикнувања, финансирани од буџетот на државата, средства на државните енергетски претпријатија, но и од самите граѓани, како крајни потрошувачи, преку плаќањето на сметките за електрична енергија.
-Стратешкиот инвестициски проект „Митилинеос когенеративна електрана Скопје“ и другите три проекти за изградба на фотоволтаични централи се добро осмислен и бескрупулозен стратешки грабеж на буџетот и на граѓаните на Македонија во наредните 30 години, потенцира генералниот секратер на ЗНАМ, пренесува А1 он.
Горан Минчев и објасни: „Владата се обврзува на Митилинеос за период од 30 години да му ја откупи вкупната произведена електрична енергија по загарантирани цени што во просек се речиси 17 проценти повисоки од берзанските, како и вкупно произведената топлинска енергија, со што вкупната загуба на Македонија само по овој основ ќе изнесува над 450 милиони евра. Во 30-те години, колку што е предвидено да трае Договорот, актуелната Влада се откажува од околу 1,2 милијарди евра профит, којшто всушност ќе му го отстапи како профит на Митилинеос“.
Доколку се усвојат овие закони, за нивно раскинување се предвидени огромни пенали за Македонија, кои веројатно би ја надминале штетата од самата имплементација на истите. Движењето ЗНАМ ги повика пратениците да не ги изгласат законите.