Двојно зголемување на бројот на претставки до КСЗД

Двојно повеќе претставки во однос на 2022 година добила Комисија за спречување и заштита од дискриминација во минатата година. Комисијата денеска го презентира извештајот за работењето во 2023 година, кој бележи тренд на зголемување на бројот на претставките.

-Годинава, Комисијата работеше на 523 претставки, што е повеќе од 100 отсто зголемување во однос на претходната година. Тоа, веројатно, говори дека Комисијата добива видливост, дека граѓаните се поинформирани во однос на тоа каде треба да ја пријават дискриминацијата и дека институцијата добива уште повеќе доверба. Забележуваме тренд на повторување на истите области од дискриминацијата од претходната година, па така медиумите, јавното информирање, работниот однос, образованиот процес и пристапот до образованите услуги и во 2023 година, исто како и во 2022 година, остануваат најчести области во кои се пријавува дискриминација, рече претседателот на Комисијата, Игор Јадровски.

Во споредба со 2022 година, се забележува тренд на намалување на дискриминација врз национална и етничка припадност, меѓутоа пораст на оние случаи на дискриминација врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет. Јадровски нагласи дека работат со ограничен буџет и малкумина вработени.

-Апелирам, пред сè, Собранието, кое го гласа буџетот, меѓутоа и другите надлежни институции, да имаат слух за овие предизвици. Комисијата, иако во 2023 година имаше и квантитативно и квалитативно двојно повеќе работа, работевме со намалени човечки капацитети во 2023 година. Комисијата сè уште останува со прилично лимитиран буџет, укажува Јадровски.

Претходна вестОрганизациската директорка Иљази им забрани на вработените на Токсикологија да контактираат со медиумите
Следна вестССМ: Синдикална минимална кошница за мај 60.090 денари