Џабе нови антикорупционери ако е по старо – задоволни се од својата работа, но не и од ефектите

Корупцијата го поклопи македонското општество. Надлежните постојано кажуваат дека се борат против неа, формираат комисии, назначуваат дури и министри и вицепремиери за антикорупција, па и за добро владеење, па тврдат дека тоа е приоритет на полицијата, на јавните обвинители, но… 

Македонија има и специјална Антикорупциска комисија. Сега треба да се случи нов момент во ова тело. Од денеска во македонско Собрание се водат интервјуа со 42 пријавени кандидати за седумте места во новиот состав на државната Антикорупциска комисија. На досегашниот состав му истече мандатот.

И што добивме од овие што замнинуваат? Имаше пофалби за нивниот ангажман во годишните европски извештаи, за поднесените иницијативи, укажувања на слабостите, недореченостите во правниот систем, правните дупки… Но, ефекти на теренот каде царува корупцијата има малку.

И се уште актуелната претседателка на Комисијата Билјана Ивановска неодамна кажа дека е „задоволна од својата работа, но и незадоволна од крајните ефекти“.

– Отворивме горливи теми коишто му тежат на ова општество, дадовме препораки како тие да се надминат. За жал, ние не сме последната институција во системот. Од 2019 до 2022 година поднесовме 99 иницијативи за постапување на институциите за корупција и за судир на интереси, но на една третина од нив воопшто не им било одговорено. Само до Јавното обвинителство доставивме 30 иницијативи. По седум обвинителството постапувало, шест се отфрлени, една е надмината на друг начин, а на 16 не ни е одговорено. До Министерството за образование, на пример, доставивме три иницијативи за корупција, и сите три биле игнорирани, се жалеше Ивановска во медиумските настапи.

Зошто е тоа така, зошто нема ефекти од работата на антикорупционерите? Зошто Јавното обвинителство не е повеќе ажурно во однос на нивните пријави? 

Обвинителството не соопшти јасно зошто пријавите на Антикорупционерите немаат епилог. Наместо тоа, неодамна дури и се случи прекин на комуникацијата меѓу државното Јавно обвинителство и ДКСК околу нивните разудувања во постапката за случајот “Труст“, а што е недоозволиво за односот меѓу вака важни државни органи.

Сето ова сега како проблем ги чека новите антикорупционери кои ќе бидат избрани. Нема дилема дека тие треба да бидат уште поажурни, погласни и понастојчиви бидејќи, очигледно, борбата против корупцијата подзакочува некаде.

А, можеби ќе треба и повеќе ингеренции, помошници…? Секако, и поажурни и попосветени Обвинителство, министерства…

Претходна вестИзраел ракетиран од Хезболах; Израелски министер се закани: Oна што се случува во Газа може да се случи и во Либан
Следна вестКај тетовец и неговата сопруга пронајден хероин