Израел ракетиран од Хезболах; Израелски министер се закани: Oна што се случува во Газа може да се случи и во Либан

Од 30 во 50 ракети денеска биле истрелани од Либан, односно од позициите на Хезболах кон Горна Галилеја, регион во северен Израел, што е најголемиот баражен напад од почетокот на борбите на северната израелска граница. Поради нападите израелскиот министер и член на воениот кабинет, Бени Ганц се закани дека она што се случува во Газа може да се случи и во Либан.

Како што јавија локалните медиуми на хебрејски јазик, нема извештаи за повредени луѓе во нападот. На социјалните мрежи се објавени видеа на кои се гледа како голем број ракети се пресретнати над областа.

Претходно во Горна Галилеја се огласиле сирени за предупредување од ракетен напад. Израелските одбранбени сили претходно соопштија дека со недели има интензивна размена на оган над границата со Либан.

Портпаролот на ИДФ Даниел Хагари на X соопшти дека авион „забележал и нападнал“ противтенковски одред во областа Зераит.

Во текот на ноќта, проектил земја-воздух бил лансиран врз авион на ИДФ на либанска територија, рече тој, додавајќи дека проектилот бил „успешно пресретнат“ од ловци на израелската противвоздушна одбрана.

Истовремено Израелскиот министер и член на воениот кабинет, Бени Ганц ја предупреди милитантната група Хезболах дека „она што се случува“ во северниот дел на Газа може да се случи и во јужен Либан и Бејрут.

– Знаеме како да се справиме со оние кои нè напаѓаат, како и со оние што ги испраќаат, рече Ганц на прес-конференција, пренесува „Тајмс оф Израел“.

Тој рече дека ниту еден напад врз суверенитетот на Израел нема да остане без одговор.

– Ние сме трпелив народ. Израелците успеаја да изградат држава и армија откако го преживеаја Холокаустот и не размислуваме во денови, туку во вечноста, рече Ганц.

Вчера израелскиот кабинет официјално ја објави одлуката за прекин на огнот со Хамас, наведувајќи дека прекинот на огнот ќе биде ограничен на 10 дена од првото ослободување на заложниците.

Претходна вестАпасиев: Промената на Деловникот беше генерална проба за Бугари во Уставот
Следна вестЏабе нови антикорупционери ако е по старо – задоволни се од својата работа, но не и од ефектите