Не може да се одбегне процедурата за евентуален референдум за уставни промени, изјави Талат Џафери, претседател на македонскиот парламент. Во интервју за Радио Слободна Европа, Џафери рече дека ќе го почитува собранискиот Деловник околу тоа прашање. На предлогот на ВМРО-ДПМНЕ да се одржи референдум за прашањето за уставни измени и можноста иницијативата да влезе во собраниска процедура, Џафери одговори дека има предвидена процедура.
-Тоа е хипотетичко прашање. Во секој случај има Деловник, има деловничка процедура, така што и јас како Претседател на Собранието и пратениците и кој било не може да ја одбегне процедурата затоа што е предусловена, освен ако не се однесувам, онака како што се однесуваат претседателите на комисиите по односни точки, на пример кои не ги свикуваат седниците. Но во секој случај јас ќе ги исполнувам сите обврски кои произлегуваат од Деловникот за работа на Собранието и од надлежноста и обврските на Претседателот на Собранието да ја испочитува процедурата, јас немам причина да не ја почитувам процедурата, рече тој.
Џафери потенцира дека не може да има целосна блокада на Собранието и покрај правото на опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
-Опозицијата може да не ги разгледува точките што се на комисиите што тие ги водат, но работата нема да сопре за другите комисии и за пленарните седници. Другите комисии кои ќе ги разгледаат точките секако има услови да се разгледаат на пленарни седници, а пленарната седница според Деловникот е планирана и има тајминг на почеток и крај на дискусијата, така што Собранието ќе продолжи непречено да работи и по однос на оние точки за коишто има предуслови, според Деловникот, да се работи, порача Џафери.
Во однос на уставните измени и внесувањето на Бугарите во Преамбулата како услов за продолжување на преговорите со ЕУ, Џафери посочува дека тоа е обврска на државата, а не на владејачкото мнозинство. Оттука, тој не прецизира какви се неговите очекувања дали би се достигнало потребното двотретинско мнозинство со евентуални гласови од пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, но повика сите партии да се грижат за интересот на државата.