Џафери одговори на интерпелацијата – имал право да ги заклучува пратениците

Чисто лицемерство се наводите дека сум го прекршил Деловникот со тоа што сум побарал да се затворат вратите на пленарната сала за да се пребројат присутните пратеници, соопшти денеска Талат Џафери, претседател на Собранието. Тој ова гонаведе во одговорот кој го даде на интерпелацијата што за него ја поднесоа пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата. Интерпелацијата, наведува Џафери, „содржи низа невистини и претставува груб обид за манипулација“.

-Односно, мошне јасна е намерата на опозицијата, која сите овие години ја опструира работата на законодавниот дом и оневозможува донесување на битни закони за граѓаните, и овој пат да создаде лажна претстава во јавноста дека јас постапувам спротивно на Деловникот. Токму Деловникот ги демантира нелогичните обвинувања дека сум сторил нешто надвор од моите надлежности, наведе Џафери.

Во соопшението тој објаснува како според членот 95 од Деловникот, Собранието може да одлучува ако на седницата присуствува мнозинство од вкупниот број пратеници. Собранието одлучува со мнозинство гласови од присутните пратеници, а најмалку со една третина од вкупниот број пратеници, ако со Уставот не е предвидено посебно мнозинство. Претседателот на Собранието го соопштува бројот на пратениците што гласале “за”, “против” или “воздржано”, како и бројот на пратениците што се присутни. Претседателот на Собранието може да определи да се утврди бројот на присутните пратеници со броење. Утврдениот број на присутни пратеници се смета за точен сè додека претседателот или еден пратеник, чие барање го поддржуваат најмалку десет пратеници, не побара повторно да се утврди бројот на присутните пратеници.

-Според тоа, вечерта на 25 мај, вратите на салата беа затворени за да можат собраниските служби да го утврдат бројот на присутни пратеници, односно дали има кворум за да се премине на гласање. Всушност, во Деловникот е предвидена можност за затворање на вратите на салата, на барање на претседателот на Собранието или на еден пратеник, поддржан од најмалку десет пратеници. Поточно, членот 97 од Деловникот предвидува дека за време на поименичното изјаснување на пратениците вратите на салата во која се одржува седницата на Собранието се затвораат и не се дозволува влегување и излегување на пратениците се додека трае поименичното изјаснување, така што јасно е дека единствената намера на опозицијата, во овој случај беше да приредат евтина претстава пред јавноста, потенцира Талат Џафери.

Тој ги отфрли и обвинувањата дека го прекршил собранискиот Кодекс и дека во изминатите пет години, се однесува со „посебна почит кон сите вработени во Службата на Собранието на Република Македонија“. Џафери тврди дека не се вистина ниту тврдењата дека не соработува со координаторите на пратеничките групи.

Претходна вестБројот на умрени лани зголемен за 10,7 отсто, најчеста причина кардиоваскуларните болести
Следна вестНови 75 случаи на Kовид-19, двајца починати