Бројот на умрени лани зголемен за 10,7 отсто, најчеста причина кардиоваскуларните болести

Бројот на умрените лица во земјава лани е зголемен за 10.7 проценти во однос на претходната година и изнесува 28.516 починати граѓани, соопшти денеска Државниот завод за статистика. Поголем број се од машки пол, и тоа 15.155 или 53.1 процент. Бројот на умрените доенчиња изнесува 85, а нивното учество во вкупниот број на умрени лица изнесува 0.3 отсто на 100 умрени лица.

Според месецот на смртта, најголем број случаи се евидентирани во април (3 212). Просечната возраст кај умрените од машки пол изнесува 71.6 години, односно 75.2 години кај лицата од женски пол, или за 3.6 години повисока просечна возраст се бележи кај жените.

-Најголемо учество имаат умрените лица од болести на циркулаторниот систем – 35.9 отсто, а потоа се случаите кај кои како причина за смрт се јавува пандемијата на Ковид-19 со 20.6 отсто, неоплазмите со 13.8 проценти, кај 5.8 отсто причина за смрт се ендокрините, нутритивните и метаболичните болести, кај 4.2 отсто се болестите на респираторниот систем, а потоа следат други причини за смрт, но со помала застапеност, соопшти ДЗС.

Претходна вестОд 1 јули: Домаќинствата кои произведуваат струја ќе може и да ја продаваат
Следна вестЏафери одговори на интерпелацијата – имал право да ги заклучува пратениците