ДЗР: ЈП за одржување на патиштата 12 години работи со блокирна сметка, новото возило за чистење снег им изгорело по 20 дена, горивото се точи од небаждарени пумпи…

Одржувањето на магистралните и регионалните патишта е во опасност поради сериозните финансиски предизвици на Јавното претпријатие, покажува конечниот ревизорски извештај на „Јавното претпријатие за одржување и заштита на магистрални и регионални патишта“ што денеска го објави Државниот завод за ревизија а се однеусва на 2022 година.

ЈП за одржување и заштита на магистрални и регионални патишта, се наведува во извештајот, работи со блокирана сметка.

– ЈП за одржување и заштита на магистрални и регионални патишта, 12 години, односно од 2012 година до денот на известување за спроведената ревизија, јавната дејност која е од суштинско значење за јавниот интерес и безбедноста на граѓаните, ја врши со сметка која е блокирана поради извршни решенија за наплата на неподмирени обврски. Согласно податоците од носителот на платниот промет, на крајот на 2022 година сметката на ЈП е блокирана за обврски во вкупен износ од 663 милиони денари, соопштија од ДЗР.

Во извештајот е констатирано дека ЈП низ годините има тренд на зголемување на обврските кон добавувачи во земјата како резултат на зголемена активност во делот на одржување и заштита на државни патишта, односно поради изградба на нови делници, зголемени трошоци за набавка на нафта и нафтени деривати, како и растот на цените на стоките и услугите. Обврските кон добавувачи во 2018 година се во вкупен износ од околу 480 милиони денари, додека во 2022 година бележат зголемување и изнесуваат 966 милиони денари. Исто така тренд на зголемување бележат и обврските по извршни решенија кои во 2018 година изнесуваат околу 324 милиони денари, додека во 2022 година нивниот износ е над 467 милиони денари.

– Ваквиот начин на функционирање на ЈП, кое не е во можност редовно да ги плаќа доспеаните обврски, влијае врз зголемување на обврските по извршни решенија и зголемување на обврските по основ на камати, што неповолно влијае на финансиската стабилност и ликвидност на претпријатието и во исто време влијае на тековното работење на добавувачите и вредноста на стоките, работите и услугите кои се добиваат во постапките за јавни набавки, соопштија од ДЗР.

Од јуни до декември 2021 набавени се 15 специјализирани возила за чистење снег, во вредност од 177 милиони денари, од кои едно возило, дваесет (20) дена по приемот и само 150 км изминати, било опожарено без да биде каско осигурено, а пак фабричката гаранција не била искористена. Тужбата за надомест на штета била поднесена две години по пожарот односно на ден 27.12.2023 година.

– Полнењето на возила со гориво се врши со пумпи, чии мерила подолг временски период не се верификувани/ баждарени. Со исклучок во две подземни цистерни, приемот на гориво се врши во т.н. надземни пластични и метални контејнери. При користење на горивото вработените го преточуваат во туби и канти. Од извршениот теренски увид ревизијата констатира дека овој начин на прием, складирање, ракување и издавање на горивото ја загрозува безбедноста и здравјето на граѓаните и неповолно влијае на животната средина и во исто време постојат ризици во однос на начинот на користење на нафтените деривати, се вели во ревизорскиот извештај.

Од извршениот теренски увид во Секциите Струга и Охрид ревизијата утврдила дека не се обезбедени соодветни услови за чување на залихата на сол за зимското одржување на патиштата, со што истата поради подложност на надворешни влијанија губи од своите физички својства, квалитет и се предизвикува отежнато користење. Условите во кои се чуваат горивото и солта за зимско одржување, се подвлекува, не се во согласност со процедурата за евиденција на материјали, со која е предвидено „примениот материјал да биде уредно складиран на соодветно безбедно место, заштитен од надворешни влијанија доколку е од специфичен вид, како и од евентуална злоупотреба‘‘.

 

Претходна вестЛевица: Државата нема средства за младите што ја претставуваат Македонија на меѓународни научни олимпијади
Следна вестСДСМ: Враќањето на Коце Трајановски и 600 милиони евра во неговите раце е најава за огромна корупцијата