Ракометарите на Еурофарм Пелистер запишаа рутинска победа над Тиквеш со 35-25 (18-14), во рамките на 12. коло на плеј-офот на Суперлигата. Средбата во салата „Боро Чурлевски“ мина во знакот на шампионот и фаворит, кој не му дозволи на гостинот од Кавадарци премногу надеж за добар резултат.
„Зелено-белите“ отворија добро и поведоа со 4-1. Таа предност се одржуваше во следните десетина минути, а тогаш пелистерци уфрлија во брзина повеќе. По 8-6 екипата на Еурофарм Пелистер направи серија од 6-0 и поведоа убедливо. Тиквеш се крена и успеа да ја преполови негативата од осум, на четири гола (15-11). До полувремето кавадарчани најблизу пријдоа на 16-13, а на одмор се замина со резултат 18-14.
И на стартот на второто полувреме Тиквеш успеа да пријде на „минус три“, меѓутоа тоа беше сè од нив. Пелистерци се наметнаа, ги презедоа работите во свои раце и сериозно се одлепија. Предноста растеше и растеше, бргу достигна и двоцифрена бројка, а пред крајот највисокото водство беше 35-24.
Најефикасен играч на натпреварот беше Богдан Радивојевиќ кој даде седум гола, а кај гостите се истакна Срѓан Мијатовиќ со пет.