ЕВН го санира испадот на 100-киловолтен далекувод кој утринава го остави половина Скопје без струја

Саниран е големиот дефект кој утринава без струја остави повеќе скопски градски и приградски населби, соопшти ЕВН. Најпогодени беа регионите на Карпош, Капиштец, Влае, Ѓорче Петров, Матка, Кондово и Сарај кои утрово имаа целосен прекин во снабдувањето со електрична енергија, но и проблеми со притисокот на водата.

-Прекинот се случи како последица од испад на 100-киловолтен далекувод од трафостаницата „Скопје 3“ до трафостаницата „Запад“. Екипите на Електродистрибуција за брзо време го санираа дефектот и корисниците веќе имаат нормално и стабилно снабдување со струја, информираат од ЕВН.

Претходно од ЈП „Водовод и канализација“ Скопје информираа дека водоснабдувањето во високите зони во Скопје е со намален притисок поради дефект во мрежата на ЕВН.

-Без струја се пумпите во селата Рашче и Кондово и бунарите во Лепенец и Нерези поради дефект на ЕВН АД Скопје. Поради овој прекин во снабдувањето со електрична енергија во некои делови од градот водоснабдувањето ќе биде со намален притисок, соопшти ЈП „Водовод и канализација“.

Прекинот траел речиси еден час. На социјалните мрежи граѓаните изразуваа стравување дека почнале рестрикции поради енергетската криза.

Претходна вестДа почекаме: Бочварски му даде „датум“ на новиот пат до Охрид
Следна вестКризата ќе пројде додека да се договорат кој кај кого да дојде