Еврокомесарот Вархеји оптимистично ни даде нов датум за проширување – 2027 година

Македонија се изначека „датум“ од ЕУ. Датумот, односно, годината на ново проширување на Унијата кое би ги опфатило земјите од Западен Балкан, меѓу кои и Македонија, е често споменуван, ама и често менуван термин.

Денеска најновиот „датум“ го даде еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји. Тој на собирот на ЕУ со лидерите на земјите од Западен Балкан говорејќи за Планот за раст, тежок шест милијарди евра, потенцира дека сега за Балканот веќе има оптимизам до 2027-мата година да биде подготвен за членство.

-Наредната Европска Комисија ќе биде Комисија на проширувањето. Чувството на итност по ова прашање е веќе зголемено и наредната Комисија до крајот на нејзиниот мандат ќе заврши со проширувањето на Унијата. Нема да има оправдувања, ќе искористам балканска терминологија зашто и јас потекнувам од тука, нема оправдувања за Западен Балкан да не биде подготвен до 2027 година за приклучување во Европската Унија, рече Вархеји.

Еврокомесарот нагласи дека е крајно време е да се направи чекор напред и порача регионот да не ја испушта можноста за интегрирање во заеднички пазар.

И во земјите од Западниот Балкан одамна се говори дека е крајно време ЕУ да ги исполни своите ветувања и прогнози за проширувањето. Се чека и Брисел да си ги направи своите реформи кои самите кажаа дека се неопходни пред да се прошируваат.

Новиот добиен „датум“ е оптимистичен, особено ако се навратиме на фактот дека лани во август претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел најави дека „ЕУ треба да биде подготвена да прими нови земји членки до 2030 година“. Но, набрзо по ова, дојде и изјавата од Европската комисија дека таа „не се фокусира на датуми, дека Мишел не се консултирал со претседателката на ЕК Урсула фон дер Лајен…“, како и изјавата на францускиот претседател Емануел Макрон дека „прво се потребни реформи во ЕУ а потоа прием оти ЕУ…“

Дали новонајавениот „датум“ овој пат навистина ќе биде датумот кога ќе се отвори портата на ЕУ за нови члеки?

Претходна вестСвирам на клавир по 4 часа на ден, најважна е желбата и инспирацијата да се користи талентот
Следна вестСилјановска-Давкова се сретна со верски поглавари: Придонесот на верските заедници е важен за негување на соживотот