Компанијата го објави почетокот на Програмата за проверка на факти од трети страни во Македонија
Страниците и домените што постојано споделуваат лажни вести ќе имаат намалена дистрибуција и ќе се отстрани нивната можност за заработка и рекламирање.
Како дел од борбата против дезинформации на Фејсбук, компанијата оствари соработка со независни проверувачи на факти од трети страни ширум светот, кои ја прегледуваат и оценуваат содржината.
Денеска е најавен старт на програмата за проверка на факти од трети страни во Северна Македонија со „Вистиномер“ (Фондација „Метаморфозис“).
Оваа програма во исто време почнува и во регионот, односно во Босна и Херцеговина, Црна Гора и во Србија, а најавено е и нејзино проширување во Хрватска. Сите партнери на програмата се сертифицирани преку непартиска меѓународна мрежа за проверка на факти.
Како што информираат од „Метаморфозис“, кога проверувачот на факти ја рангира веста како лажна, Фејсбук ја прикажува подолу во „Новости (News Feed)“, со што значително се намалува нејзината дистрибуција. Ова спречува да се шири измамата и да се намали бројот на луѓе што ја гледаат веста.
Страниците и домените што постојано споделуваат лажни вести, исто така, ќе имаат намалена дистрибуција и ќе се отстрани нивната можност за заработка и рекламирање. И кога објавата е одбележана како лажна, Фејсбук ги предупредува луѓето што ја гледаат или се обидуваат да ја споделат објавата дека е одбележана како таква.
„Среќни сме што ја почнавме нашата програма за проверка на факти од трети страни во Северна Македонија. Борбата против лажните вести е одговорност што ја сфаќаме сериозно, затоа постојано работиме на начини да помогнеме да се запре ширењето на дезинформациите на нашата платформа“,изјави Софи Ајерс, менаџер за стратешки развој на Фејсбук.
Оваа програма е во согласност со тројната платформа за развој на софтвер апликации (three-part framework) на Фејсбук за подобрување на квалитетот и автентичноста на вестите во делот „Новости (News Feed)“, при што Фејсбук ги отстранува профилите и содржината што ги кршат нивните стандарди на заедницата (community standards) или политиките за рекламирање (ad policies), ја намалува дистрибуцијата на лажни вести и неавтентична содржина како што е кликбејт и ги информира луѓето давајќи им повеќе контекст на објавите што ги гледаат.
„Фејсбук е платформа преку која луѓето во нашата земја најчесто наоѓаат, примаат и консумираат информации. Во комбинација со нашите напори да ги поттикнеме читателите да размислуваат критички за кредибилитетот на медиумите и селективно да пристапат кон изворите на информации, веруваме дека партнерството со ФБ е најефикасниот начин за борба против ширењето на погрешни и лажни информации“,вели Бардил Јашари, извршен директор на Фондацијата Метаморфозис.
Фејсбук има преку 70 партнери за проверка на факти на повеќе од 50 јазици на глобално ниво и секојдневно инвестира во начини за понатамошно развивање на овие напори.